Земја со потенцијали, заробени во политичка незрелост

Трифун Костовски

-Ако политичарите не умеат да создадат иднина, барам: нека престанат да ја уништуваат надежта на граѓаните.

-Македонија не бара чудо, бара зрелост, чесност и визија од оние што ја водат.

-Не пропаѓаме од сиромаштија, туку од безидејност.

Живееме во време на модерни иновации кои ни овозможуваат подобар, поквалитетен и побогат животот.

Сепак, оваа констатација не важи за сите. Важи само за најсилните држави во светот кои имаат имплементирано силен образовен систем, имаат голема почит кон законите и правото како главен столб за опстанок на државата, безбедност и праведност за секој нејзин граѓанин.

Каде е нашата Македонија во овој модерен свет? Европејци сме и ние, живееме на ист континент заедно со останатите најсилни европски држави. Дали учиме од искуството на нашите европски соседи и пријатели како да ја стабилизираме нашата држава и на граѓаните да им овозможиме иднина?

Најголемата загуба на Македонија не е само економска, туку и морална. Секој Божји ден ја губиме вербата дека можеме сами, ако се потпреме на нашата раскошна природа.

Недвосмислено, географската поставеност на Македонија е идеална за креирање на современ, модерен и убав живот во неа. За жал, таму каде што природата дала сѐ, политиката се вмешала за да нѐ закочи кон перспективната иднина.

Местоположбата и природата кои ги имаме се нашето бесценето богатство. Човек сум кој патува низ светот. Сакам да ми верувате дека Македонија е една од најубавите дестинации во светот со прекрасна местоположба, клима, почва и речиси 300 сончеви денови во текот на годината, како извор за натамошен силен економски развој на граѓаните и државата.

Што имаме денес во Македонија? По мене, многу малку од она што можеме да го имаме. Ваквата анемичност на нашиот економски и севкупен цивилизациски развој, исклучиво се должи на најсилните политички партии во земјата. Наместо партиско препукување, нам ни треба здрава иднина!

За цели 35 години не воспоставивме систем кој ќе овозможи силен економски развој. Сите лидери на партиите, кои беа на високи функции во државата од осамостојувањето на Македонија па до денес, немаа визија за иднина, како Македонија економски да стане силна, бидејќи само со силна економија се гради стабилна држава со можности за стабилна иднината за граѓаните. Македонија има сѐ што ѝ е потребно за развој, освен сериозна државна стратегија и одговорно лидерство.

Силната економија на Македонија ќе го подигнеше нивото на почит, на државен респект од страна на нашите соседи и пријатели. Македонија има сѐ што е потребно за развој, освен сериозна државна стратегија и одговорно лидерство.

Денес што имаме? Кревка економија. Базичните столбови на кои треба да се потпира нашата економија се земјоделие и сточарство. Овие две гранки денеска во Македонија, повеќе или помалку се веќе заборавени и уништени. Ние, жителите на Македонија увезуваме земјоделски и сточарски производи покрај сиот природен потенцијал.

Од неразбирливи причини се одвојуваат финансиски средства од буџетот на Република Македонија за привлекување на странски инвестиции, нудејќи им благодети кои што нашиот македонски стопанственик не може ниту на сон да ги добие. Кога домашниот земјоделец е заборавен, а странскиот инвеститор привилегиран, државата сама ја поткопува својата иднина или во духот на Кочо Рацин: „работиме за туѓи, бели дворови”.

Во светот важиме како една од првите земји каде слободните индустриски зони учествуваат во вкупниот бруто национален доход, со повеќе од 25%, а во вкупниот извоз на земјата со повеќе од 50%.

Ваквото учество на странските инвестиции, за мене номади со можност да си заминат од земјата во секој момент, е реалност.

Ние како земја и граѓани за овие странски инвестиции претставуваме само евтина работна сила која овозможува нивно богатење и создавање мислење во светот дека сме нација со ограничен интелектуален коефициент. Нудење на евтина работна сила на странските инвеститори е самоубиство на сопствената иднина! Македонија не треба да биде дестинација за туѓи интереси туку треба да биде дом за достоинствен живот на сопствените граѓани

Ќе споменам два примера кои деновиве само ја потенцираат македонската безидејност.

Мој пријател од село Бардовци во неврзан разговор ми кажува дека цели 200 хектари, прва класа земјоделско земјиште, оваа година останало неизорано и необработено. Ми вели дека нема кој да работи. Младите веќе не сакаат да се занимаваат со земјоделие.

Отворено прашувам каде е вината за ваквата државна беда? Вината е токму во политичките партии кои што не пружаат ниту трошка посветеност за креирање на сопственото стопанство.

Пријателот ми вели, ако продолжиме да увезуваме домати, пиперки, краставици и овошје, од оваа есен ќе увезуваме и зелка.

Почитувани мои читатели, токму зелката произведена од Бардовци, беше најсилниот наш скопски бренд кој ни даваше гаранции дека овој зеленчук ќе го имаме во нашата секојдневна исхрана, посебно за правење туршија. Ваквата економска состојба во земјава за мене претставува мое лично понижување пред вас мои сограѓани и пред целата светска заедница. Убеден сум дека нам не ни недостасува потенцијал, туку ни недостасува систем кој ќе го претвори потенцијалот во животен стандард.

Вториот пример се однесува на опозицијата предводена од СДСМ.

Изминатите три недели, опозицијата предводена од СДСМ, наместо да промовира и предлага систем за економски развој на државата, се занимава со завршените избори во Унгарија каде што новиот премиер ги затвори вратите на неговиот претходник покажувајќи солидарност со ЕУ заедницата.

Опозицијата СДСМ деновиве е толку многу ангажирана околу учеството на нашата Влада во бизнис зделките кои се правеле меѓу господинот Орбан, бивш премиер на Унгарија, претседателот на Србија Вучиќ и премиерот на Македонија Мицкоски.

Опозицијата само сака да создава афери кои не ѝ носат добро на нашата држава. Се работи за политичка партија, а не за државна институција која треба да се занимава со ваква девијантна појава меѓу споменатите три личности.

Препукувањата на оваа тема меѓу опозицијата и владеачката партија е нашето секојдневие. Неплодните дијалози се основа за уште поголемо разградување на системот, а ние граѓаните имаме уште помалку верба во нашата држава и иднина. Ако политичарите не умеат да создадат иднина, барем нека не ја уништуваат надежта на граѓаните. -Ние не пропаѓаме од сиромаштија, туку од безидејност.

Моја лична порака до Премиерот Мицкоски и претседателот на СДСМ, господинот Филипче е да седнат на маса и да се договорат за да не нѐ фрустираат нас граѓаните кои сме им ја дале моќта за владеење. Владее хаос, а нас ни треба стабилна иднина во сите полиња, токму во земјата каде се нашите корени. Да го искорениме злото, да ја исчистиме плодната ни земја од корупција како плевел и да посееме ново семе на трудољубие, за некои идни времиња..

Македонија не очекува чуда, само сака зрелост, чесност и визија од оние што ја водат.

 

Back to top button
Close