Земјава се соочува со најголемата здравствена криза, надлежните велат има капацитет за справување

Здравствените власти во земјава вчера повторно регистрираа високи бројки на заболени од КОВИД 19. Вкупно беа евидентирани 193 нови случаи и девет починати. Капацитетите во болниците се полнат, а медицинскиот персонал е преморен. Активирана е и монтажната болница каде веќе се сместени тројца пациенти, а во лекувањето на болните се вклучуваат и трите најголеми приватни клиники – „Систина“, „Ремедика“ и „Жан Митрев“.

Очекувањата се дека во следните седум дена бројот на хоспитализирани пациенти ќе биде поголем во однос на бројот на испишани по што се очекува намалување на бројот на примени пациенти.

Министерот за здравство Венко Филипче вчера порача дека државата се наоѓа во најголемата здравствена криза досега и дека целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран, но оти верува дека успешно ќе се одговори на предизвикот.

– Никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза. Не е воопшто лесно, но имаме и знаење и капацитет и начин на организација и план што веќе се спроведува за оваа криза да ја надминеме. Досега одлично се менаџираше кризата, го подготвивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме. Барам силна поддршка од граѓаните, од сите чинители во општеството за здравствените работници. Барам разбирање и трпение кај граѓаните, на кои заради оваа криза им се откажани претходно закажаните прегледи и интервенции и верувам дека ќе се вратиме во нормала брзо и тие повторно ќе имаат пристап кон здравствените услуги, но во овој момент сите сили ги насочуваме за да излеземе од оваа криза, рече Филипче на прес-конференцијата во Владата.

Најави поддршка за здравствените работници кои, како што рече, се изморени и на крај на силите. Повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат препораките и на тој начин да им помогнат на здравствените работници кои деноноќно работат за да спасат сечиј живот.

– Ова не е големо барање, ќе помогне да има помалку дијагностицирани и некој пациент повеќе да си оди дома од болничките установи. Ве молам да се почитуваат овие мерки, за да може здравствените работници да здивнат, да се ослободат од притисокот, заради тоа што тоа е единствениот начин да ставиме крај на оваа криза, нагласи Филипче.

Порача дека здравствениот систем е подготвен иако вториот бран на вирусот дошол порано од очекуваното. Смета дека преземените мерки се носени навреме согласно сите препораки и критериуми на Светската здравствена организација.

– Нема мерка што не е преземена, меѓутоа овој бран што потекнуваше од настани што точно ги идентификувавме од страна на епидемиолошките прашалници, беше нешто на што добро изреагиравме во овој момент, рече Филипче.

Трите најголеми приватни клиники се вклучуваат во лекувањето на болните

Во лекувањето на болните од КОВИД 19 се вклучуваат и приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“. Во трите болници има протоколи за изолација  во кои може да се третираат пациенти за таа услуга за која биле иницијално примени, со цел да се ослободи капацитетот односно притисокот од болницата „8 Септември“, каде што обично се префрлаа овие пациенти.

Со приватните болници е разговарано и за кадарот што по потреба треба да биде на располагање на јавно здравствените установи, пред се специјалистите по анестезиологија или по интерна медицина.

– Засега нема потреба, сосема доволен е овој број што се пријавени на список и според принцип на приоритет ќе бидат распоредени во јавно здравствените установи. Доколку се наметне потреба да се преполнат нашите капацитети во јавно здравствените установи, да се користат и болничките кревети во приватните за третман на пациенти на кои е потребна здравствена услуга заради Ковид 19 вирусот, рече Филипче. 

Скопје ново жариште

Главниот град станува новото жариште на вирусот. Според последните објавени податоци од Министерството за здравство, од вкупно регистрираните 193 случаи, само во Скопје се евидентирани 140.

Најголем број активни случаи и натаму има во Чаир – 306, по што следува Аеродром со 119 активни случаи, Гази Баба и Центар со по 114 случаи, Бутел со 106 случаи, Карпош со 100 случаи и Сарај со 95 случаи. Активни случаи има и во Кисела Вода – 71, Ѓорче Петров – 57, Студеничани – 62, Шуто Оризари – 46, Арачиново – 33, Илинден – 28, Петровец – 12, Сопиште – 11, Чучер Сандево – 7, Зелениково-1….

– Интензивно се работи на идентификација на контактите, со вообичаените пречки со кои епидемиолозите се соочуваат, практично секојдневно. Интензивно се работи во однос на идентификување на контактите кои треба да се тестираат и другите кои треба да се стават во изолација, истакна Филипче на прес-конференцијата.

Според директорот на Институтот за јавно здравје Арбен Зибери, поголемиот број заболени се постоечки кластери каде заразата се шири меѓу членови на семејството, но има и некои нови кластери.

– Во последните десет дена односно две недели ние секој ден имаме повеќе од 100 новодијагностицирани. Зголемен е обемот на работа доста, засега немаме проблеми со епидемиолошките анкети. Денес во Комисијата за заразни болести беше договорено освен сегашните биолози да ни се приклучат и доктори од трудова медицина и епидемиолози од Воената болница, истакна Зибери во онлајн гостувањето во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма.

Back to top button
Close