Земјотресите не го оштетија хидро-енергетскиот систем Маврово

Серијата земјотреси кои минатата недела беа регистрирани на мавровското подрачје засега не предизвикале оштетувања на објектите и структурата на најзначајниот хидро-енергетски систем во Македонија ХЕС Маврово. Наскоро се очекува и двете најголеми хидроцентрали Вруток и Равен да почнат со производство на струја.

Од АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) информираа дека непосредно по првиот потрес, биле преземени активности за да се утврди состојбата на системот, евентуалните штети и преземање мерки. Изминативе денови специјализирани екипи вршат проверки на каналската мрежа, хидроцентралите и браните. Првичната оценка е дека нема деформации, ниту позначајни оштетувања. Двата значајни објекта, браните кај селото Леуново и Маврово Анови се во стабилна состојба.

– До денес нема регистрирано појава на оштетувања во нашиот систем, иако прегледите сè уште траат. Во прегледите, покрај нашите инженери, кои се овластени за оскултација, пратење на хидротехничките објекти во ЕСМ, вклучени се и професори и надворешни стручни лица, наведуваат за МИА од кабинетот на генерален директор АД Електрани на Северна Македонија.

Back to top button
Close