Земјотресот во Еквадор однесе најмалку 15 животи, стотици се повредени
Земјотресот со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала, кој во саботата го погоди Еквадор, е најсилниот земјотрес што ја погодил јужноамериканската земја од 2016 година, кога загинаа речиси 700 луѓе, а илјадници беа повредени
Најмалку 15 лица загинаа, а над 400 се повредени по земјотресот со јачина од 6,9 степени според Рихтеровата скала што го погоди јужниот брег на Еквадор, јави Би-би-си.
Според тамошните власти, најпогодена е јужната провинција Ел Оро каде што загинале 12 лица.
Во земјотресот, кој се случи во саботата околу пладне по локално време, оштетени се повеќе згради и возила во неколку града. Меѓу градовите што претрпеа штети се и Еквадор, Мачала и Куенка.
Епицентарот бил во близина на градот Балао, на околу 80 километри од вториот по големина град во Еквадор, Гвајакил, каде што живеат околу три милиони луѓе. Земјотресот се почувствувал и во неколку други града, вклучувајќи ги Манаби, Манта и главниот град Кито.
Претседателот на земјата, Гилермо Ласо, ги замоли Еквадорците да останат смирени додека властите ја проценуваат штетата од земјотресот.
Како последица на потресот, неколку патишта се блокирани поради одрони, а освен цивилни објекти, оштетени се и неколку училишта и здравствени домови, соопштија тамошните власти.
Ова е најсилниот земјотрес што го погодил Еквадор од 2016 година, кога загинаа речиси 700 луѓе, а илјадници беа повредени.