Зетот на Јана Белчева „го бетонизира“ Центар, дозвола добил од Богдановиќ

Додека јавноста ја препознава Јана Белчева како активистка против урбанистичкиот хаос и бетонизацијата на централното градско подрачје, информации кои ги објавија дел од медиумите отвораат прашања за нејзиниот интегритет и потенцијален конфликт на интереси поврзан со членови на нејзиното семејство, пишува 24инфо.

Белчева, која беше претседавач и советничка во општина Центар, а од неделата и советничка во Град Скопје, се позиционираше како борец за зачувување на зеленилото и хуманото живеење во урбаниот простор. Таа е основач на граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ која и на овие избори настапи со своја советничка листа во Општина Центар. Но, додека јавно настапува против изградба на згради во центарот, токму во тој дел од градот се гради нова станбена зграда – поврзана со нејзиното најтесно семејство.

Според податоци до кои дојдоа медиумите, инвеститор на објектот кој се гради во близина на студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“, на улицата „Коста Шахов“ бр. 8, е фирмата ДТУ Гибрис Холдинг ДООЕЛ Скопје, чиј сопственик е сопругот на сестрата на Белчева. Одобрението за градба е издадено на 1 октомври 2021 година – само две недели пред локалните избори – во мандатот на тогашниот градоначалник Саша Богдановиќ, период во кој Белчева беше и претседателка на Советот на Општина Центар.

Дополнителни сомнежи за конфликт на интереси се поврзани и со парцела во Долно Водно, впишана на мајката на Јана Белчева. Во 2012 година парцелата е регистрирана како градежно земјиште со дозволена површина за градба од 535 метри квадратни. Само две години подоцна, со одлука на Советот на Општина Центар бр. 07-4414/4 од 18 јули 2014 година, дозволената површина е речиси удвоена – на 988 метри квадратни.

Контроверзија предизвикува начинот на кој е донесена оваа одлука – со 11 гласови „за“ во Советот, што не е во согласност со законската одредба која бара мнозинство од најмалку 12 гласови во совет составен од 23 членови. На ваквиот развој остро реагираше тогашниот градоначалник Андреј Жерновски, кој го оспори донесениот ДУП пред Уставниот суд. Во меѓувреме, парцелата е продадена, а на неа веќе е изграден објект.

Во 2017 година, како претседателка на Советот на Центар, Белчева ја иницираше одлуката за мораториум за нови градби, која подоцна беше укината од Уставниот суд како неуставна. Интересно е што во тој мораториум не беше опфатен токму ДУП Ј07 – оној под кој припаѓа семејната парцела на Водно.

Повеќе

Back to top button
Close