Зетот на Камчев сведочеше како течело префрлањето на трите стана за кои бизнисменот кажа дека се чуваат за Груевски

Мето Стојчевски, сопственик на фирма која се занимава со градежништво, денеска се појави во Основниот кривичен суд во Скопје за да сведочи во случајот „Плацови на Водно“, по минатонеделниот исказ на обвинетиот бизнисмен Орце Камчев дека експремиерот Никола Груевски, кој е првообвинет, за земјиштето на Водно за возврат добил три ексклузивни стана во зградата „Панорама резиденс“ во Скопје.

Според неговото сведочење, трите стана (два на поткровје и еден во сутерен) денеска се на име на фирмата „СС инвестмент“, чиј сопственик е тој, но, како што рече, не се чувствува за сопственик и на апартманите. Оваа фирма првично била на негов бизнис-партнер во проектирањето и градењето, а откако завршиле заедничките проекти фирмата продолжила да постои, но немала никаква финансиска активност. Потоа, како што кажа, тој ја презел фирмата.

„Во еден неврзан муабет господинот Сашо Мијалков ме праша дали имам некоја слободна фирма. Го прашав зошто, а тој рече дека не е битно. По еден месец, можеби и повеќе, партнерот излезе од таа фирма, јас влегов во неа и во некој неврзан разговор му спомнав на Мијалков дека имам фирма, му реков ‘ако ти треба, што ти треба, кажи’. Тој рече добро и после пак на некое седнување ми рече ‘може ли да се искористи таа фирма’. Јас прашав за што е, а тој рече дека не е битно. Му реков ‘не може да не е битно. Ако јас стојам зад неа, морам да знам за што е’. Ми рече ‘се работи за некаков имот на Никола Груевски, но не е битно. Ако биде биде, ако не, ништо – рече Стојчевски.

По неколку месеци, кажа тој, за истата тема му се јавил и Камчев, со кого инаку се во роднинска врска, со оглед дека Стојчевски е сопруг на сестрата на Камчев. Според неговото сведочење, Камчев го прашал дали има фирма за да префрли удел на неа од „Панорама“.

повеќе

Back to top button
Close