ЗГХ: 60 инспектори ќе контролираат контејнери, а Скопје се гуши во аерозагадување

Од Иницијативата велат дека со години бараат од Градот да се одвојат средства за зајакнување на инспекторатот за животна средина, вклучувајќи и воведување трета смена дежурни инспектори за контрола на загадувачите

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ (ЗХГ) реагира на одлуката на Град Скопје дека 60 инспектори и комунални редари ќе го контролираат начинот на фрлањето на отпадот и времето кога се одлага ѓубрето. Според ЗХГ, ваквиот потег е небулозен и од него граѓаните ќе немаат никаква полза, но велат дека е јасен показател оти приоритет на новата градска администрација се контејнерите, а не борбата против, како што велат, мултимилионските титански загадувачи.

ЗХГ нагласува дека Скопје се соочува со акутно аерозагадување, а надлежните служби не прават доволно за спречување на проблемот.

„60 инспектори и комунални редари ќе нè контролираат за тоа како ќе го фрламе ѓубрето, додека се отрувме од аерозагадување овие денови и ќе се труеме цела зима“велат од ЗХГ во објава на нивната фејсбук-страница.

Од Иницијативата велат дека со години бараат од Градот да се одвојат средства за зајакнување на инспекторатот за животна средина, вклучувајќи и воведување трета смена дежурни инспектори за контрола на загадувачите.

Наместо да ги зајакне инспекциските служби за животна средина, Град Скопје, според ЗХГ, го зголемил буџетот за истражување на мерки за аерозагадувањето. Ова се случува и покрај тоа што ЗХГ поднеле 50 про боно мерки, базирани на науката и веќе применети во други загадени градови ширум светот.

Според ЗХГ, нема средства за мерни станици и за трета смена инспектори за животна средина, но има за неколку десетици инспектори трета смена за контејнери.

„Очигледно е дека за новата градска администрација контејнерите повеќе загадуваат отколку индустријата“ велат од ЗХГ додавајќи дека скратувањето на времето за фрлање ѓубре нема да го намали отпадот, но ќе овозможи удирање по џебот на граѓаните.

Од ЗХГ во реакцијата велат дека многу е очигледно оти не е приоритет тоа што има илјадници болни од рак и што секоја година умираат 6 000 луѓе и додаваат дека од загадувачите умира секое деветто бебе до една година.

Од Иницијативата потсетуваат дека правото на чист воздух е загарантирано со Устав, но, како што велат, очигледно тоа не е приоритет на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

„Очигледно е дека приоритетот на ВМРО-ДПМНЕ е да продолжат да го вртат истото орце над 34 години. Очигледно е дека, кај и да е, ќе зафалат инспектори за контрола на контејнери и ќе треба нови вработувања на нивните партиски кадри, кои ќе го цицаат градскиот буџет и буџетот на граѓаните, работејќи на тотални небулози од кои ние граѓаните немаме ама баш апсолутно никаква полза“пишуваат од ЗХГ.

Советот на Град Скопје на седница одржана на 14 ноември изгласа одлука со која се забранува фрлање комунален отпад во контејнерите во период од 22 часот навечер до 6 часот изутрина, а граѓаните кои нема да ја почитуваат ќе се соочат со парична казна од 50 евра.

Советот на Град Скопје изгласа забрана за фрлање отпад од 22 часот навечер до 6 часот наутро

Целта на одлуката, според она што го соопштија службите на Градот Скопје, е да се воведе правна рамка со која ќе му се помогне на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ при собирањето на сметот. Велат дека мерката можеби не е идеална, но дека нејзиното спроведување ќе биде следено преку комуналното претпријатие и инспекциските служби, а ако се покаже за несоодветна, ќе биде коригирана.

Од ЈП „Комунална хигиена“ велат дека мерката, пред сè, е насочена кон правните субјекти, кои, како што тврдат, најчесто го одлагаат отпадот непрописно и во доцните часови.

Град Скопје има вкупно 40 инспектори, 11 комунални инспектори и 10 комунални редари.

Back to top button
Close