Зголемен праг и полесен пат до фотоволтаици во Македонија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавува законски измени со коишто на граѓаните во Македонија ќе им го олесни патот до поставување на фотоволтаици на покривите. Со законски измени и дополнувањата на Законот за енергетска ефикасност ќе се зголеми прагот за електраните на домаќинствата или потрошувачите-производители на 10 киловат, а во план е да се скрати и рокот за издавање дозволи за инсталација на кровни фотоволтаици. 

„Прв пат во законската регулатива се предлага воведување законски рок за административната постапка за издавање дозволи за поставување кровни фотоволтаици за потрошувач – производител“, најавуваат од ресорното министерство.

Поедноставување на постапката

Законските измени коишто се предлагаат се објавени на ener.gov.mk. Со измените потрошувачите-производители ќе добијат повисоки прагови за своите електрани и тоа за домаќинствата лимитот е до 10 kW, а компаниите – 70 kW. Рок од еден месец ќе има за постапката за издавање дозвола за поставување соларна опрема со капацитет до 100 kW.

Со предлог измените се поедноставува и постапка за приклучување на електродистрибутивната мрежа. Доколку при анализа на условите за приклучување се утврди дека не е можно приклучување на предложената локација, операторот на електродистрибутивниот систем е должен во рок од 15 дена од денот на поднесување на барањето за приклучок, писмено да го извести барателот и да му предложи алтернативна точка за приклучување.

Операторот на електродистрибутивниот систем е должен да го приклучи енергетскиот објект на електродистрибутивната мрежа во рок од еден месец од официјалното потврдување на комплетноста на поднесената документација. Доколку тој не се произнесе во рокот од мрежните правила се смета дека согласноста за приклучување е дадена.

фотоволтаици во нива за производство на струја
Новите енергетски капацитети со инсталирана моќност од 616,42 MW што произведуваат струја од обновливи извори се доволни за потребите на 194 илјади домаќинства

Според Министерството за енергетика, со предложеното законско решение се прави решителен чекор кон енергетска независност и интеграција на обновливите извори на енергија, намалување на потрошувачката на енергија, емисиите на јаглерод диоксид, азотни оксиди, неметански јаглеводороди и честички, а се врши и усогласување со ЕУ стандардите.

Стратегија за реновирање на згради со енергетски ефикасни решенија

Министерството предлага и 20-годишна стратегија за реновирање на станбени, јавни и комерцијални згради со енергетски ефикасни решенија. Планот е овие градби и станбени и деловни објекти да се трансформираат во високо енергетски ефикасни објекти со речиси нулта потрошувачка, со можност за широка интеграција на обновливи извори на енергија (ОИЕ), како што се соларните системи.

Надежите се дека со обновливите извори на енергија ќе се намалуваат стакленичките гасови и се штити животната средина и се постигнува и климатската неутралност, но и дека тројно ќе се зголеми и заштедата во јавниот сектор.

Министерството за енергетика во соработка со Службата за општи и заеднички работи при Владата подготвува и предлог план за реконструкција на згради кои се користат во јавниот сектор. Се смета дека со реконструкција на најмалку 3% од корисната подна површина на зградите годишната заштеда на енергија се зголемува од 1% на 3%.

„Ова се однесува на објекти со вкупна корисна подна површина над 250 квадратни метри кои не ги исполнуваат минималните барања за енергетски карактеристики, а кои се користат од страна на лицата од јавниот сектор на државно ниво. Инсталацијата на соларни колектори за топла вода во новите јавни објекти или при значајна реконструкција на објекти станува задолжителна, доколку е технички и економски изводливо“, велат од Министерството за енергетика.Од обновливи извори – струја за 194 илјади домаќинства

Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, повеќе од половина од расположливите енергетски капацитети во државата се од обновливи извори (55,72%). Вкупната инсталирана моќност за производство на електрична енергија од обновливи извори за последниве две години изнесува над 616 MW.

Новите енергетски капацитети со инсталирана моќност од 616,42 MW што произведуваат струја од обновливи извори се доволни за потребите на 194 илјади домаќинства со просечна потрошувачка на електрична енергија. Прогнозите на надлежните се дека доколку домашните фотоволтаични системи продолжат со ваков интензитет да се инсталираат, би можеле да ја заменат производната моќ на РЕК Битола.

Back to top button
Close