Зголемување на бројот на тестирања и оздравени пациенти, намалување на бројот на смртни случаи и процентот на позитивни од тестирани – извештај на ИЈЗ за минатата недела
Министерството за здравство информира дека согласно извештајот на ИЈЗ кој се однесува на периодот од 10 до 16 август направени се вкупно 11.605 тестирања на ковид-19, 2.062 или 17.8% повеќе споредено со претходната недела.
Од направените 11.605 тестирања, регистрирани сe 902 нови позитивни случаи, а во наведениот период процентот на позитивни од тестирани изнесува 7.8% што покажува тренд на континуирано намалување во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10%, 9.4% и 8.6%.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=251; 27,8%) и Куманово (n=125; 13,6%). Во 18 града во земјата, за истиот период, бројот на новопотврдени случаи е под 20.
Во однос на старосната структура, регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. И во овој период, најзастапена е возрасната група на лица над 60 години со 206 (22,8%) позитивни. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата на возраст од 30-39 (n=163; 18,1%) и 50-59 (n=162; 18,0%).
Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=26; 2,9%) и 10-19 години (n=49; 5,4%).
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=858; 95,1%), регистрирани се 87 (10,1%) хоспитализирани, а кај 244 (28,4%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 303 (35,3%) имале контакт со потврден случај, а 27 лица се со историја на патување во последни 14 дена.
Во споменатиот период по добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2, како оздравени се водат 1.067 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 29 лица повеќе споредено со претходната недела.
Регистрирани се 17 смртни случаи од 9 градови, што е намалување од 32,0% во однос на минатата недела. Најголем дел од случаите биле на возраст над 60 години (n=9; 52,9%). Од починатите, 16 биле хоспитализирани, а еден случај починал во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 11 починати лица.
Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за Состојба со Сovid-19 во Република Северна Македонија – 10-16.08.2020, како и Кумулативна состојба со Сovid-19 во Република Северна Македонија се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје http://iph.mk.