Зградата на Централната Пошта во Скопје именувана меѓу седум најзагрозени споменици во Европа во 2021

 Европа Ностра – Европскиот глас на граѓанското опшество посветено на културното и природно наследство и неговата партнерска организација, Институт на Европска Инвестициoна Банка, денеска ја објавија листа на седум најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021, меѓу кои се и зградата на Централна Пошта во Скопје.

Објавата на седум најзагрозени локалитети во 2021 година е најавена на дигитален настан со високи претставници од Европа Ностра и Институтот на Европска Инвестициона Банка, со учество на Марија Габриел, европски комесар за иновации, истражување, култура, едукација и млади.

Како што денеска соопштија од Централната пошта во Скопје, номинаторите и претставниците на 7-те избрани локалитети дале свој придонес на вебинарот, при што привлекле учесници од цела Европа и пошироко.

Тим на експерти кои ја претставуваат Европа Ностра и Институтот на Европска Инвестициона Банка, заедно со организациите и останатите партнери кои ги номинирале локалитетите, ќе учествуваат во проценката на секој локалитет со собирање на информации и со комуникација со главните засегнати страни.

– Овие мултидисциплинарни тимови ќе обезбедат експертски совет, ќе идентификуваат можни извори на финансирање и ќе помогнат да се моблизира широка поддршка за да се сочуваат овие културни белези. На крајот на процесот на проценката, тие ќе формираат и комуницираат сет на совети за идни активности, се наведува во соопштението од Централната Пошта во Скопје.

Номинацијата на Централната пошта е поднесена од Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) од Скопје. Целосно е подржана од страна на АД за поштенски сообраќај “Пошта на Северна Македонија” во државна сопственост-Скопје, и консултантот за наследство и одржливост д-р Георги Георгиев од “Консалтинг, Планирање, Иновации и Стратегии” од Германија.

– Иднината на зградата на Централната пошта е загрозена со оглед на степенот на нејзиното оштетување, бидејќи објекти со овој тип на форма и конструкција се многу комплексни за обнова. Подигнувањето на јавната свест за важноста на заштитата и повторната употреба на објектот е една од главните цели на членовите на проектниот тим, изготвувачи на проектниот прелог, м-р Сузана Касовска Георгиева, Заменик директор на “Институтот за животна средина, градежништво и енергетика” (“ИЕГЕ“) од Скопје, арх. Благица Стојчевска, Раководител на Самостојната служба за градежништво и инвестиции на АД “Пошта” и д-р Георги Георгиев и целиот консултантски тим за одржливо зачувување на наследство и урбан развој од Германија, стои во соопштението.

Процесот на номинација бил целосно поддржан од страна на Министерство за култура на Република Северна Македонија, како и проф. д-р Ралф Килиан и проф. д-р Јоана Лаиснер од Институтот “Фраунхофер” од Германија.

Номинаторот на Зградата на Централната Пошта, се посочува, се залага за редизајн на објектот како центар за културни и општествени активности со фокус на националната и интернационална публика, кои ќе го продлабочат разбирањето, знаењето и свесноста за културното наследство како клучен извор за одржлив развој на заедницата.

Во соопштението стои дека за повторна употреба на Централната пошта во Скопје, се планира да се основа и да работи, со институционална, техничка и кадровска поддршка од Владата и другите релевантни институции на Северна Република Македонија, како и од целата научна и стручна јавност, тимска структура за јавен интерес, која ќе ја развива и управува стратегијата и активностите за зачувување, повторно работење, финансирање и управување со можностите за финансирање и групно финансирање на мноштвото потреби за оваа реализација. Ова ќе обезбеди транспарентна и одржлива грижа и работење на објектот.

– Главната цел на проектниот тим е да го трансформира објектот на Централната пошта во Скопје организациски и функционално во одржлив организам што функционира и кој ќе биде активен дел од урбаното и културно ткиво на градот Скопје, Европа и светот, подвлекуваат во соопштението од Централна пошта.

Централната пошта е објект лоциран во Скопје со модернистички и бруталистички архитектонски стил од повоената ера. Дизајниран е од македонскиот архитект и уметник Јанко Константинов и е финализиран во 1974 година. Исклучително моќната структура на објектот е изработена од армиран бетон, во форма на цвет од лотос. Неговата форма на лотос беше наменета да ја симболизира реконструкцијата на градот Скопје по силниот земјотрес што предизвика разурнување на градот и неговата инфраструктура во 1963 година.

– Oвој извонреден пример на високо експресивна и скулптурална архитектура од 20 век е од витално значење за визуелниот и симболичен архитектонски пејзаж и бруталистички ансамал во срцето на Скопје, како и за наследството на Европа и пошироко. Зградата која служеше како административна шалтерска сала на “Телекомуникацискиот и Поштенски центар” на Федеративна Република Македонија е исто така значајна како симбол на отпорност на периодот на постземјотресот, се појаснува во соопштението.

Зградата преживеа огромен пожар во 2013 година. Сепак, првичното застаклување на куполите и муралите на дизајнерот на ентериерот Борко Лазески, како и специјално дизајнираните мебел и осветлување, беа целосно уништени или претрпеа сериозна штета.

Објектот на Централната пошта, вклучувајќи ги нејзините главни ентериерни и ѕидни обработки, денес е уште повеќе загрозена од неупотреба и влошување, засилено со присуството на поткопување од ерозијата предизвикана од покачување на подземните води поради непосредната близина на реката Вардар. Бидејќи зградата сеуште е без покрив, таа страда од директната изложеност на атмосферски влијанија со врнежи од дожд и снег кои продираат во целата нејзина внатрешност.

Селекцијата од Бордот на Европа Ностра од 12-те локалитети кои биле избрани од панел на интернационални експерти, била направена врз основа на извонредното значење на наследството и културната вредност на секој локалитет, како и врз основа на сериозната опасност со која се соочуваат. Нивото на ангажираност на локалните заедници и посветеноста на јавните и приватните чинители за зачувување на овие локалитети, се сметале за клучни додадени вредности. Друг критериум за избор претставувал потенцијалот на овие локации да дејствуваат како катализатор за одржлив социо-економски развој за нивните локалитети и регионот.

– Избраните седум најзагрозени локалитети се квалификувани за ЕИБ грант за наследство до 10.000 еур по локалитет. Грантот за наследство може се додели на избраните седум најзагрозени локалитети за да се помогне во имплементирањето на активности кои ќе допридонесат кон зачувување на загрозениот локалитет, стои во соопштението од Пошта.

Останатите номинирани се Железничка пумпа на пареа во Ахенси, Тирол, Австрија, Комплекс на гробишта во Мирогој, Загреб, Хрватска, Пет Јужно-Егејски Острови, Грција, Градина Џусти, Верона, Италија, Манастир во Дечани, Косово и Капела Сан Хуан де Сокуева и Ермитаж, Кантабриа, Шпанија.

Back to top button
Close