Згрижувачките семејства добија Центар за поддршка

Од денеска е отворен првиот Центар за поддршка на згрижувачки семејства во Скопје, кој ќе функционира при Јавната установа за деца „11 Октомври“. Основната задача на Центарот е поддршка, помагање и насочување на згрижувачките семејства, за обезбедување соодветна грижа на детето сместено кај нив. Исто така, ќе се врши и проценка, обука и подготовка на идните згрижувачки семејства.

Поддршката е обезбедена од стручен тим при Центарот, а веќе в среда ќе биде отворен и вториот Центар за поддршка на згрижувачи семејства во Битола.

Министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска која денеска присуствуваше на отворање на Центарот, изјави дека ова е голема придобивка за општеството. Како што посочи, успехот на едно општество, неговата поставеност, организација, развој е во грижата за граѓаните, но пред сè грижата за децата.

Според министерката, колку сме ние успешни како општество говори колку сме направиле за згрижување на децата особено за децата кои се без родители и без родителска грижа.

Шахпаска посочи дека во Центарот тие ќе добиваат стручна поддршка од страна на тим, кој ќе овозможи на децата што се згрижени во нивните домови да им обезбедат среќно, безгрижно детство, да учествуваат во нивното воспитување, пристапот до здравствена заштита, меѓутоа и можност за образование.

– Во моментов околу 300 згрижувачки семејства се грижат за некаде околу 500 деца, и тоа е начин кој генерира задоволство не само на децата, не само на згрижувачките семејства, но и на нас како Министерство и како Влада. Сакаме да испратиме и порака до јавноста дека сакаме да ја шириме услугата, односно да го зголемуваме бројот на згрижувачки семејства во нашата земја, додаде министерката.

Директорка на Јавната установа за згрижување на деца „11 Октомври“, Соња Стамевска, најави дека Центарот ќе опфаќа околу 181 згрижувачко семејство со околу 326 корисника и во шест региони – Вардарски плански регион, Скопски плански регион, Источниот плански регион, Југоисточниот, Североисточниот и Полошкиот плански регион, со сите центри кои се чинители во овие плански региони.

 

Back to top button
Close