Жељко Јоксимовиќ како повод:  Никој нема право да експериментира со брендот – фестивал “Охридско лето”

“Добро е што организаторите го послушаа гласот на јавноста околу програмата бидејќи “Охридско лето” мора да го задржи нивото од претходните шест децении”!

Ете, дојдовме дотаму, експериментите на менаџментот на мегународниот музичко-сценски фестивал, “Охридско лето”, нашиот редовен сегмент во европското семејство на  слични фестивали, или, како што ние постарите некогаш го дефиниравме: нашиот прозорец кон светот (и од светот), да ги прокоментира и шефот на државата, во случајов, Стево Пендароски.

Нему и му личи, затоа што манифестацијата се одржува под негово покровителство.

Ќе повторам: “Добро е што организаторите го послушаа гласот на јавноста околу програмата бидејќи “Охридско лето” мора да го задржи нивото од претходните шест децении”!

Повод за ваквата реакција на Покровителот, беше посетата, приемот на директорката на Летото, кај Претседателот, во резиденцијата на Водно, а коментарот е позајмен од официјалното соопштение на претседателскиот кабинет.

Може да се каже, дека повод беше,всушност, гласот на јавноста, која бурно изреагира, на намерата на организаторот – на програмата на Летото, уште и јубилејно,  да се најде интерпретаторот на забавна музика, Жељко Јоксимовиќ.  Социјалните мрежи зовреа, а познавачите, сатирично коментираа:  Хозе Карерас и Жељко Јоксимовиќ!?

До ваков хумор и сатира немаше да дојде, ако, на ваков начин, коментираа и оценуваа и претходните претседатели – покровители. Но тоа не го чинеа. А, со тоа што Претседателот и оддржал лекција на сегашната директорка – како да им оддржал на сите нејзини претходнички и претходници.

Во што е проблемот? Всушност, проблем и нема. Постои само некаков порив на директорите и директорките, на претседателите и претседателките на музичката и драмската комисија (селектори), од никого предизвикани, да влезат во една авантура,  демек, токму тие се тука донесени за да ни покажат дека, сега, се почнува од нив, и завршува со нив!

Дека тука ги поставил, ете си кој  министер, кој, бил убеден дека токму тие ќе го препородат фестивалот, ќе остават свој личен белег и печат! Дека ќе внесат толку нови содржини, што светот ќе ги памети токму нив – од “Света Софија”, преку “Миланска скала”, до Бољшој театарот во Москва.

Е тука е проблемот, ако и воопшто има проблем!?

Фестивалот го следам половина век.  Како известувач, како дел од менаџментот – во волонтерскиот сегмент, како посетител, негов заљубеник.  Веројатно не постои друг што одгледал толку претстави? Сум се нагледал и сум се наслушал се и сешто.

Моето долгогодишно искуство ме учи на следното: никој не е повикан да го препородува и збогатува Фестивалот, туку да го одржува високото мегународно ниво на брендот наречен – фестивал “ Охридско лето”.

Ниту сите претходни, ниту денешниов негов менаџмент. Немаат право на тоа, ниту пак лични перформанси.

По завршувањето на ланскиот фестивал, почнаа да канат музички исполнители во “Света Соифија”, во декември, јануари месец! За десетина присутни – сосе вработените! Им пуштив абер: вие, можете да поканите некого и да организирате приредба, но, не можете мене, во соопштение, да ми напишете, дека пориредбата е “во рамките на програмата на фестивалот Охридско лето!” . Се знае – програмата е, веќе  60 години,  од 12 јули до 20 август.

Немаат право да го урнисуваат тоа што, камче по камче, го вградувале, пред се, првопевицата од Света Софија – Ана Липша  – Тофовиќ, па целата наредна плејада: Папаставро,  Ростропович, Коганови,  Мориконе, Карерас, Пендерецки, Рихтер, Коган, Навара, Ојстрах, Шиф, Чиколини, Кремер, Шеринг, Џеси Норман, Венгеров, Погорелиќ, Плетњов, Шанкар, Третјаков, Матачиќ, Березовски, Радуловиќ…

Нашите Милка Ефтимова, Георги Божиков, Чавдарски, Муратовски, Прошев, Трпчески…

Како може сега некој – кој и да е тој, или таа, , да згазне врз славата на овие великани и светоста на “Света Софија”? Како може, некој денеска,  да се споредува со градителите на Фестивалот, од ковот на Миле Волканоски, Љубен Баткоски – како директори, или, на пример, со еден Матеја Матески, или Лазар Мојсов – како претседатели на фестивалскиот Совет?

Денеска, претседатели ( на Управсниот одбор) можат да бидат –  од еден Летра, до последната – еби – ветра!?  Директорка може да биде и медицинска сестра!?

Мојот совет до сегашните директори е, нереалните амбиции да си ги остават дома. Денеска директор се постанува само по партиска и никаква друга линија. Сум видел директори – шупелкари! Еден, кој го постави Ве-Ме-Ре-То, прес –  конференциите ги започнуваше со изведба на кавалче! Претходно, од пантолоните, го извлекуваше аголот на кошулата, за да си ги избрише очилата!

 Ова е сосема доволно, за да му го измериш акалот, Веле, ми кажуваш Дар Мар (Дарко Марковиќ).

Во таа партиска калакурница, на програмата на Летото се најдоа и еден Јован Јованов (пеел по митинзи!), Каролина Гочева – митингашка певица, која, се покажа, дури, и попаметна од организаторите, те не настапи, правилно оценувајќи:  “jас сум за клубот “Куба Либре”, а не за “Света Софија”!?

Денешните директори и директорки, не треба да заборават дека “Охридско лето”, пред триесетина години, беше еден од трите најзначајни кулктурни настани во тогашна Југославија (заедно со “Сплитско Лето” и “Дубровничките Летни Игри” ), дека со нив разменуваше програми и учесници, дека од Охрид, светските величини, летаа  за Дубровник. 

Не верувам дека и во Дубровник, на овој начин,  се поигруваат со светсоата и славата на тамошниот фестивал, дека, на ваков начин, експирементираат со брендот – Дубровнички Летни Игри.

 Сепак, не ги превртиле сите вредности – на глава! 

Веле Митаноски

Back to top button
Close