Жена маскирана како маж ја поставила бомбата во Монако, распишана меѓународна потерница

Screenshot

Властите во Монако ја идентификуваа осомничената за бомбашкиот напад во кој тешко беа повредени украинскиот мултимилионер Вадим Јермолаев, неговата партнерка и нивниот малолетен син.

Според француските медиуми, истражителите сметаат дека лицето снимено од безбедносните камери со црна рибарска шапка не е маж, туку жена која се маскирала за да го прикрие својот идентитет.

Државното обвинителство во Монако соопшти дека по осомничената е распишана потерница. Станува збор за странска државјанка која повеќе не се наоѓа на територијата на кнежеството, а најавено е и издавање црвена потерница преку Интерпол.

Експлозијата се случила во понеделникот вечерта, откако непознато лице оставило пакет во влезот на станбена зграда во Монако. Само неколку моменти подоцна дошло до силна детонација во која биле повредени три лица.

Истрагата се води како обид за убиство, а не како терористички напад. По експлозијата, осомничената била забележана како бега кон француската општина Босолеј, која се наоѓа веднаш до границата со Монако.

Државниот обвинител Стефан Тибо не ги потврди медиумските информации дека осомничената е жена, но истакна дека брзата соработка меѓу полициите на Монако и Франција овозможила за кратко време да биде утврден идентитетот на лицето кое се сомничи за нападот.

Иако властите официјално не го објавија идентитетот на повредените, локалните медиуми наведуваат дека мета бил 58-годишниот Вадим Јермолаев, инвеститор во недвижности кој со години живее во Монако. Тој во 2019 година се откажал од украинското државјанство и станал државјанин на Кипар.

Од декември 2023 година Јермолаев се наоѓа под санкции на украинските власти поради неговите деловни активности на анектираниот Крим. Киев го обвинува дека работел на полуостровот и плаќал даноци кон Русија и по почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година.

Во експлозијата беа повредени три лица, меѓу кои и 13-годишно дете. Според последните информации, состојбата на Јермолаев повеќе не е животозагрозувачка, додека неговата партнерка и натаму е во тешка состојба. Нападот принцот Алберт Втори го оцени како „грозоморно злосторство“.

Back to top button
Close