Жени, живот, слобода – Марџан Сатрапи
Иранците, мажите и жените, се луѓе како и нас. Толку е едноставно и банално. Но сепак, не се подразбира така. Барем Марџан Сатрапи тоа не го подразбира, заедно со уште дваесет и една личност. Тие дваесет, заедно направија збирка на илустрирани приказни под насловот „Жени, живот, слобода“.
Читателот можеби се сеќава дека „Жени, живот, слобода“ беше револуционерен восклик на масовните демонстрации во втората половина на 2022 година во Иран. Војната во Украина веќе беше започната, а потоа се побуни и Иран. Една година подоцна изби војната и во Израел/Палестина.
Сатрапи вели дека Иран е вмешан и во оружените конфликти и во Украина и во Израел/Палестина, со што демонстрациите во Иран, како и сè друго што се случува во таа земја се чини уште поважно, не само за Иран туку и за целиот свет. Само што војните во Украина и во Израел/Палестина сепак го потиснаа од фокусот храбриот обид на граѓаните, во првиот ред жените од Иран, да се ослободат.
Како уредничка на „зборникот“ стрипови „Жени, живот, слобода“, Сатрапи во 2023 го вложува целиот свој углед и голема популарност за повторно да го сврти вниманието кон Иран. Повикала четворица експерти и истражувачи компетентни да зборуваат за Иран и 17 уметници и карикатуристи да илустрираат и низ слики да го претстават тоа што првите четворица сметале дека треба да се каже.
Можеме овде да ги наброиме сите имиња, а меѓу нив се уметници попознати од Сатрапи но сега нема причина за тоа. „Зборникот“ е одлично уреден и од секој автор стои пристојна биографска белешка.
А упорно пишувам „зборник“ под наводници бидејќи сепак не е тоа вистинскиот назив за книгата за која зборуваме. Сосема прецизно, се работи за серија пропагандни памфлети. Да не дојде до забуна, зборовите „памфлет“ и „пропаганда“ овде ги користам во апсолутно најпозитивна смисла. Во некој друг регистар, би рекле дека се работи за повик за помош.
Тригер за масовниот бунт во Иран беше убиството на девојката Махса Амини. Читателот најверојатно ќе се сети и на тоа дека Махса во септември 2022 година во Техеран беше уапсена од полицијата за морал бидејќи не носела марама како што е пропишано (односно се гледала нејзината коса под марамата). Неколку дена подоцна, Махса умира во затворот како последица на удари, најмногу по главата.
Две новинарки, Нилуфар Хамефи и Елахе Мохамади се заслужни за тоа што Иранците ја дознаа вистината за смртта на Махса Амини. И двете поради тоа завршија во затвор. Сепак, вистината и огорченоста ги изнесе луѓето на улица.
Сатрапи во воведот на „зборникот“ инсистира дека масовните демонстрации не биле неочекувани и никого не изненадиле. Дваесет и четири илустрирани приказни го формираат историскиот и социјален контекст за разбирањето и толкувањето на демонстрациите. Од нив добиваме кратка историја на промената на режимот во Иран во 20 век како и морничаво прецизен опис на тековниот режим во таа земја. И едното и другото заедно покажуваат дека постои силна традиција на бунтови во иранското општество, а денес постојат многу причини за нов бунт.
Како што е вообичаено за пропагандните памфлети, сликата во Иран е едноставна и црно-бела. Сатрапи, повторно во воведот, вели дека светлината се бори против темнината. Секако дека е мрачна власта во Иран, верски построена според средновековни обрасци. Светлината е на страната на жителите на Иран, пред сè кај жените и младите. Сликата за режимот ја добиваме во груби црти, што се маестрално повлечени од карикатуристите, браќата Нејестани, Мана ( „Тие ве набљудуваат) и Тука („Кој управува со Иран?“), според насоките на новинарот Жан-Пјер Перин, експерт за арапскиот свет и средна Азија.
Ним им се придружува и со свој придонес и самата Сатрапи, со еден голем, убедлив и максимално едноставен цртеж преку двете страни со речовит наслов „Стравотни и омразени“. Овој вид на поедноставување и сведување на суштината, секако не е непознат на Сатрапи. Читателот се сеќава (ова е последен пат да потсетувам), во првиот дел на познатиот „Персеполис“, на самиот почеток, Сатрапи на неколку табли ја дава историјата на Иран пред Исламската револуција.
Жителите на Иран, поставени спроти нечовечкиот режим, се прикажани во својата секојдневна обичност. Ги гледаме во кратките исечоци на фамилијарниот живот, во училиште или факултет, на улица. Би се рекло, на прозаичен начин, дека со еден гест или одлучност тие растат во епски јунаци. Сите илустратори во „зборникот“ во соработка со сценаристи, без грешки го маѓепсуваат целиот пат на херојското/револуционерно соблекување на марамата (се издвојува особено потресната „Во пеколот на затворот Евин“, а нацртана од Мана Нејестани по сценарио на Фарид Вахид) пред очите на другите, а пред сè пред кордоните на тепачите, таканаречените чувари на револуцијата. Како своевиден диптих, стојат и двете приказни за бунтот/демонстрациите за слобода: првата во првиот дел ја создадоа извонредниот Паскал Рабате („Демонстрации во Иран“) по сценарио повторно на Жан-Пјер Перин; другата („Уметноста на бунтот“) ја добиваме во третиот дел, а ја создадоа Делопи (цртеж) и Фарид Вахид (сценарио). Во првата, кон демонстрациите/бунтот се пристапува како кон секојдневна пракса, „обична“ рутина; втората приказна го претставува секојдневниот „обичен“ (женски) живот и неговите рутини како бунт.
Сатрапи инсистира дека демонстрациите во Иран се првата феминистичка револуција во која се вклучуваат и мажи. Нејзиниот аргумент е едноставен – во општество во кое нема слобода за жените, ни најголемиот број на мажи не можат да бидат слободни. Во книгата тоа се илустрира со трагичните погубувања на мажите и жените кои се набројуваат по имиња. Комбинацијата на овие три елементи – репресивен режим, опресирани жители на Иран и трагични поединечни судбини на демонстрантите/револуционерите – ни дава триделен памфлет. Во првиот дел се прикажува самиот бунт, во вториот се оцртува неговиот контекст, а во третиот се преиспитуваат револуционерните потенцијали за иднината.
Сатрапи книгата ја завршува полна со оптимизам. Но кога објаснува зошто ѝ е важно читателите ширум светот да ги видат Иранците како луѓе слични на себе – а не како верски заостанати необразовани и неинформирани фанатици во рурални средини, слика која за жителите на Иран, според Сатрапи, преовладува на Запад – нејзиниот оптимизам почнува да се губи. Всушност, вистинската порака на памфлетот, како што сум ја разбрал гласи – Иранците се луѓе како и вие и тие заслужуваат да живеат пристојно како и вие. Сами, без ваша (наша) поддршка тешко дека тоа ќе се оствари. Треба да се почека и да се види колкав ќе биде досегот на овој револуционерен крик, односно очајнички повик истовремено и за еманципаторска промена и за солидарност без која таа неопходна промена е невозможна.
Дејан Илиќ
Извор: Peśčanik
Превод: Марта Стевковска