Жените молчат за сексуалното насилство
Сексуалното насилство е сè уште табу-тема во Северна Македонија. Годишно само во главниот град има по 50-60 пријавени случаи, но реалните бројки се далеку поголеми. Жртвите најчесто се одлучуваат да молчат за насилството и ретко која побарала помош. Многумина не знаат дека во три града има центри за поддршка на жртвите, кадешто можат да се обратат и да побараат помош.
„Жртвите на сексуално насилство, но и институции, за жал не се запознати со постоење на центри за помош и поддршка на вакви жртви, иако тие центри се формирани во три града уште во 2018 година. Поради тоа ќе се унапредува процедурата за центрите за жртви на сексуално насилство“, беше најавено на средбата на Работната група која што се формираше во рамки на Министерството за здравство во соработка со Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“.
Центри за помош има во Скопје, Куманово и Тетово и се во рамки на општите болници во двата града и во рамки на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје. Во овие центри се обезбедува првична помош за жртви кои ќе се охрабрат и ќе дојдат да го пријават насилството.
Зошто жртвите молчат?
Според Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа,сексуалното насилство е една од најмалку пријавуваните форми на насилство во земјата.
„Искуството откако се формирани овие центри, покажа дека не само што жртвите, односно, општата популација, нема познавање, нема информација дека овие центри постојат, туку низ самите институции не ги користат во доволен број. Нашето истражување што го објавивме во 2022 година покажа дека помалку од една третина од жртвите евентуално ги користат овие услуги. Останатите комплетно го прескокнуваат овој сервис како воопшто да не постои. Во разговорите со полиција, со ЈО, добивме информација дека тие воопшто и не се запознаени за постоењето на овие центри“, вели таа.
Истражувањето покажало дека една третина од вкупниот број на жртви на сексуално насилство и силување коишто евентуално ги искористиле услугите на центри, биле токму малолетните жртви. Полнолетни жртви имало исклучителен мал број коишто биле однесени таму. Иако од пред две години со измените на КЗ и силувањето во брак е една од формите на сексуално насилство, за жал уште не е препознаено како форма на насилство кај жртвите.
„Сексуалното насилство се уште е табу тема, како да има отпор да се зборува за ова“, вели Димушевска.
Сиви бројки
Важно е што жртвите можат да побараат помош иако случајот не го пријавиле во полиција. „Мора да оставиме на слободната волја на жртвата да го пријави насилството во момент кога таа е спремна за тоа. Но, тоа не смее да не спречи да ги собереме доказите и соодветно ги чуваме до моментот кога таа ќе биде спремна да пријави и секако ја обезбедиме потребната помош“, велат од Националната мрежа.
Претходните години, бројот на жртви од сексуално насилство во Скопје се движел помеѓу 50 и 60. Но, овие бројки се далеку од реалниот број на жртви. Истражувањата на ОБСЕ покажуваат дека само два проценти од жртвите го пријавуваат насилството во некоја од надлежните институции.
„Ако земеме предвид дека овие 50 до 60 само во Скопје се само два процента од вкупннит број, тогаш веќе станува за една голема бројка и еден голем број на жени, девојки, па и малолетни жртви кои имаат потреба од оваа помош, а нема каде да ја побараат“, вели Димушевска (dw)