Жените во литературата

Македонските жени создавале приказни кога ги заспивале децата, пееле кога жнееле на нивите, развивале чувство за боја и композиција кога седеле на разбојот во одаите, кои се прва „женска соба“ во македонската култура.

   

Првите приказни  и песни децата најчесто ги слушаат од бабите. Писателот Џингис Ајтматов раскажа на едно читање во Келн,  дека станал писател благодарение на баба му, тој непресушен извор на приказни,  особено   кога пиела чај. Внукот  требало само да се погрижи да има доволно чај – за да жуборат приказните! Првата лиричарка е прочуената  Сафо. Сите  учевме за неа во историјата на античка Грција. Најстариот симбол за магијата, која раскажувањето ја врши врз слушачот, е исто жена. Шехерезада, од  „Илјада и една ноќ“. Двата женски лика сведочат за темелното чувство во  животот – љубовта. Светот не постои затоа што  катаден се водат војни. Тој постои затоа што катаден луѓето се вљубуваат. Затоа што животот и заедницата ја одржуваат тие што знаат да љубат. Оти само тие имаат дарба да обединуваат и помируваат. Најсилното човечко чувство, љубовта, го банализираше во тривијалност токму „литературата за жени“, најчесто пишувана од мажи. Затоа што мажите веруваа дека жените се само пасивни примачи. Затоа што  жените беа  стереотипните објекти на нивната машка сексуална и сексистичка фантазија. Жените, пак, во симболите Сафо и Шехерезада,  се архетипот за поинаква литература. Таа е посилна од  машката милитантна моќ, докажува Шехерезада. Темелните наративи на западноевропската литература, „Илијадата“ и „Одисејата“ раскажуваат за војни  и за траумите од  нив,  кај мажите како Одисеј. Жените во тој  наратив се  споредни фигури, иако  нивната убавина може да стане повод за војна, како  кај  убавата Елена од „Илијадата“.

Жените  денес се  поголеми читачки од  мажите

И во социјализмот растевме со приказните на бабите. Во школите нè учеа учителки. А  фантазијата  ни ја обликуваа книги од славни мажи. Бројот на ученичките кои пишуваа во  литературните  секции  беше поголем од оној на момчињата. Меѓутоа, кога се работеше за животната професија, литературата, особено романописот и драмата, беа и понатаму царството на мажите. Тогаш на младите девојки, некогашните даровити девојчиња, им се велеше дека жените имаат помалку дарба од мажите. Жените сиот живот  се прилагодуваа на тој стереотип. И се задоволуваа со читањето литертурата од мажи. Тоа не значи дека тие би требало да читаат само литература од жени. Тоа би било исто екстрем и нов стереотип.  Се работи за тоа што во романите  од мажи долго време жените беа претставени според нивната подредена социјална положба. Како читачки, жените  и самите го прифаќаа тоа  како неминовност. Жените  денес се  поголеми читачки од  мажите. Во Германија книжарници поседуваат најчесто жени. Статистиките покажуваат дека на литературните читања   има повеќе  жени. Тие  потоа им ги препорачуваат книгите на своите сопрузи, истакнува литературната критичарка, Елке Хајденрајх. Верувањето дека женската природа е пасивна, дека таа не може да твори,  владееше со векови  во западноевропската култура.

Невидливи како писателки

Гете открива дека  „желбата да раскажува ја наследил од својата мајчичка”. Австриско-американската писателка Рут Клигер (Rut Klüger) раскажува дека  во шеесеттите била единствената професорка по литература на американскиот универзитет. Во анонимен литературен текст, не може да се препознае дали е пишуван од маж или од жена, истакнува таа. Само иманентната анализа на делото открива посебности во третманот на темите. Рут Клигер трага по тој „поглед  низ поинаку шлифуваните стакла“  на писателките. Прво за жените и читањето, во збирката есеи „Жените читаат поинаку“ („Frauen lesen anders“, 1996), а потоа  за жените и пишувањето, во книгата „Што пишуваат жените” („Was schreiben Frauen”,2010). Во сведоштвото на Гете таа гледа доказ дека мајка му најверојатно пишувала поезија или раскази, кои им ги читала или пеела  на децата. Сепак,  ништо не објавила. Затоа што присуството на жените во  литературата во  нејзино време уште  била  на почетокот. Според Клигер, девојчињата  обично имаат поголема дарба за јазикот од нивните браќа. Ама поради улогата која им била доделена во фамилијата и во општеството, тие  долго  беа невидливи како писателки. Со векови литературата се создаваше од мажи, а  ја читаа најчесто жени, затоа што мажите немаа време за читање. Кога самите не беа писатели,   тие мораа да владеат, да градат, да откриваат, да бродат по далечни океани. Или да водат војни.

Жените во македонската традиција отсекогаш твореле

Женското творештво не е откритие на дваесеттиот век. Тоа е толку старо колку и желбата да се раскажува животот. Да се преобрази во приказна тоа што е мигновено  – нашите животи. Литературата како паметење ги спасува животните приказни пред „фуријата на исчезнувањето“, како што Хегел го нарекув изминот на времето, историјата.

Жените во македонската традиција отсекогаш твореле. За тоа сведочи уметноста на ткаежот, кој е многу сличен на чинот на ткаењето  приказни. Творештвото бара осама и посебен простор. Затоа што пишувањето е длабоко контемплативен чин. Македонските жени создавале приказни кога ги заспивале децата, пееле, кога жнееле на нивите, го развивале чувството за бојата и композицијата, кога седеле на разбојот во одаите. Одајата со разбојот е првата „женска соба“ во македонската култура. Во секоја поголема македонска куќа во минатото имало одаја со разбој. Таа е првиот  заштитен простор на женското творештво. За нејзиното значење  пишував во  мојот роман „Жените Гаврилови“ (2008).

Формата на романот  се смета за врвот на литературното творештво и за симбол на  високограѓанска култура. Затоа не е чудно што романописателките во македонската повоена литература  можеа да се избројат  на два прста. Во социјалистичка Македонија  долго беа побројни само поетесите, како и писателките за деца. Речиси се‘ до осумдесеттите, во Македонија романот беше царството на мажите. Пред да го објави првиот роман, „Тесна врата“ (1983), Оливера Николова   напиша  неброени романи за деца.  Една деценија таа  беше единствената македонска романописателка. Дури на крајот на деведесеттите  почнува  да се зголемува бројот на романописателките. Според мене, денес во македонската литература најинтересните романи се напишани од жени. Тие полека ги определуваат естетските парадигми и  трендови во македонското писмо воопшто, од мажи или од жени. Откаде тој  непресушен изблик? Од собраната меморија во вековното чекања и тие  да станат видливи како творкини, како раскажувачки, како романописателки.

Умни, даровити и храбри жени како  Оливера Николова или Тања Урошевиќ го  трасираа текот на тој непресушлив извор. Жените конечно се интегрирани во литературата. Рут Клигер луцидно  вели дека  се интегрираат само  малцинствата. Жените досега беа малцинство во литературната дејност. Новите генерации македонски писателки не се доживуваат повеќе како малцинство. Денес е сосем нормално една дебитантка веднаш да се испроба  во вештината  на романописмото. Иако мојата генерација, онаа  родена во педесеттите, се чувствуваше еманципирана, во смислата дека  на жените им беа отворени за студии сите врати, сепак,  традиционалната „поделба да трудот“ во литературата тогаш уште беше ригидна. Големите романи ги пишуваа големи писатели. Жените во доминантното „писмо од мажи“ беа споредни фигури. Иако во  големите романи  најчесто главните фигури беа жени. Денес е се‘ поинаку. Романите напишани од жени  се‘ посилно  ја преобликуваат и збогатуваат  македонската литература. И добро е што е  конечно така!

Кица Колбе
извор: ДВ

Back to top button
Close