Жерновски до ВМРО-ДПМНЕ: Сè додека н јасно не демантираат за пасошите, испаѓа дека од Бугарите нè бранат Бугари
Членот на ИО на СДСМ, Андреј Жерновски реагираше на последните обвинувања кон него од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Тој го отвори прашањето за наводни бугарски пасоши и државјанства за актуелните функционери и дел од членовите на нивните семејства.
„На потсетникот ми се појави информацијата дека денеска, баш денеска, се навршуваат два месеци откако уште еден “патриот” во владата, прилично вокален војвода кога беше во опозиција, упорно и упорно молчи за веста дека е бугарски државјанин.
Работава е крајно сериозна и веќе излегува од контрола. Сите живееме во една парадоксална ситуација, во која најгласни во одбрана од крајно штетната и (само)деструктивна бугарска политика кон Македонија се оние кои се или сакале да бидат бугарски државјани“, истакнува Жерновски и додава:
„Ако првиот човек на владата аплицирал за бугарски пасош, ако вториот човек на владата е Бугар, ако министерката е Бугарка, тогаш јасно ли е што ни се случува?!? Ако ништо друго, зарем ќе им дозволиме на овие и вакви ликови да ни продаваат прикаски како СДСМ, наводно, била бугарска инсталација, а они, преполни со бугарски пасоши, ќе ги штителе нашите државни и национални интереси од нападите кои доаѓаат токму од Бугарија. Вака, се’ додека не демантираат јасно и гласно, испаѓа дека од Бугарите не’ бранат- Бугари“, пишува Жерновски.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ испрати повеќе прашања до Жерновски:
„1. Како точно се изјаснил неговиот дедо кога станал кмет: како Македонец или како Бугарин?
2. Дали е точно дека фамилијата Жерновски се води во бугарските архиви како пријателска и соработничка структура на Бугарија во Македонија?
3. Дали е точно дека на семејните веселби на малиот Андреј, во времето кога растел, се пееле песни како „Минаха години“ и „Целувките на Ана“ и како ги доживува тие песни денес?
4. Кога веќе глуми дека Србите му се поблиски од Бугарите, дали тоа го прави по налог за превласт во СДС, каде очигледно веќе ги мести чекорите да му ја преземе позицијата на Филипче?
5. Дали неговите и менторите на Филипче се веќе во внатрешен конфликт во служби на Бугарија и дали тоа е причината за актуелната медиумска борба?
6. Што мисли за богатството на Венко Филипче и за наводните зделки со рекетирање, при што парите завршувале на сметки на бугарски фирми блиски до Зоран Заев?
7. Дали го одобрува ова, и ако не, зошто молчи?
8. И најважното: дали уште му трепери душичката кога ќе ја слушне песната „Еделвајс“, како што наводно признал пред блиски пријатели?
ВМРО-ДПМНЕ нема да молчи кога некој, со испран и уличарски однос, ќе се обиде да ја валка македонската историја, да ги релативизира нашите херои и да ја претвори Македонија во поле за геополитички бизниси на странски центри“, стои во соопштението на партијата.