ЗХГ: Не постои никаква законски регулирана можност со која на независните кандидати ќе им се гарантира правото на излегување на избори

ДИК го стави вон сила Правилникот за собирање потписи за независни кандидатури. Со ова, не постои никаква законски регулирана можност со која на независните кандидати ќе им се гарантира правото на излегување на избори. Во моментов единствено партијата како механизам е законски уреден начин за излегување на изборите кој важи еднакво за сите и не може да биде побиен ниту оспорен од ниедна институција на државата, стои во соопштението на Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД, што МИА го пренесува интегрално.

Со огромен револт го проследивме произволното толкување денес едно, утре друго на поединци кои или се членови на партии или партија ги именувала на функциите.

ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД имаше средба со претседателот на ДИК, Кондарко, на која тој недвосмислено и во повеќе наврати изјави дека немал право да ги толкува законите и дека кога ќе треба, ДИК ќе бара автентично толкување на Изборниот законик од Собранието.

Барањето до Собранието автентично да го толкува Изборниот законик во контекст на можноста независните да учествуваат на претстојните избори го поднесовме уште пред месец и половина и на тоа до денес нема никаков одговор.

Во меѓувреме ДИК на седницата одржана вчера, на 9 август, го стави вон сила Правилникот за собирање потписи за независни кандидатури.

Со ова, не постои никаква законски регулирана можност со која на независните кандидати ќе им се гарантира правото на излегување на избори. Како што денес поединци изјавуваат произволно дека нема потреба да се собираат потписи и секој што сака може да се кандидира на изборите, така утре истите тие поединци може да одлучат дека е тоа недопуштено или може да ги поништат изборите, а со тоа и нашето уставно право да бидеме дел од институциите.

Однесувањето на македонските институции е дефиниција за правна несигурност. Затоа, ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД апелира до сите државјани на Македонија уште поагилно да се вклучат и да ни помогнат што побрзо да ги собереме тие минимум 1.000 потписи за да основаме партија. Во моментов единствено партијата како механизам е законски уреден начин за излегување на изборите кој важи еднакво за сите и не може да биде побиен ниту оспорен од ниедна институција на државата. Разликата меѓу нас и нив е што ЗХГ е сочинет од луѓе што со години, па и со децении, пожртвувано волонтираат за заштита на животна средина, заштита на животните и социјална правда. Не постои партија во историјата на Македонија која била формирана од долгогодишни волонтери. И тоа е според нас клучната причина зошто партиите ја изигруваат нашата доверба секојпат кога ќе им биде дадена.

Истовремено сакаме да испратиме порака до владејачките партии:

Над 30 години платени со нашите тешко заработени пари посветено го газите сечиј сон за подобро утре, сечија надеж за поубава иднина. Не само што ќе ви влеземе во советите, туку ќе ви влеземе и во Собранието и од таму еден по еден ќе ве отстрануваме додека не остане ниеден да паразитира врз грбот на овој напатен народ, додека Собранието навистина не стане дом на правната држава.

Активисти на Граѓанска иницијатива

Back to top button
Close