Жичница и автобуси до Водно од денес нема, воведена делумна забрана за движење во шумите

Жичарницата и автобуските линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б) од денес времено нема да бидат во функција, информираат од ЈСП Скопје.

Времениот прекин на работа е согласно воведената делумна забрана за движење во шумите, побарана од ЈП „Национални шуми” – Скопје, а одобрена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.

Жичарницата и трите автобуски линии нема да работат сѐ до проценката на надлежните дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до отповикување на делумната забрана за движење во шумите.

– Делумната забрана за движење во шума ќе стапи на сила од 24.06.2022 година и ќе трае се до проценката дека е намален ризикот од појавана шумски пожари, односно до нејзиното отповикување, се наведува во соопштението на „Национални шуми”.

Од таму посочуваат дела оваа делумна забрана за движење во шумите и шумското земјиште не важи за Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, ЈП „Национални шуми”, субјектите што вршат шумскостопански активности, сеча, дотур и транспорт на дрво и дрвни сортименти, стручните служби на концесионерите на дивечот во ловиштата и лица коишто имаат писмено одобрени за движење во шумите.

– Движењето ќе биде дозволено единствено со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми” – Скопје за подрачјето со кое стопанисуваат/управуваат, се наведува во соопштението, при што се додава дека за спроведување на забраната одговорни се вработените од ЈП „Национални шуми” кои вршат дејност заштита, Шумската полиција и МВР.

За непочитување на оваа забрана на физичките лица кои ќе бидат затекнати дека се движат во шума и шумско земјиште, согласно член 106 од Законот за шумите, ќе им биде изречена парична казна од 1500 до 2000 евра во денарска противвредност

Back to top button
Close