Жителите на Аеродром и денеска со блокади против загадувањето од Вардариштe
Револтот на жителите на Аеродром не запира ниту за време на празникот. Четврти ден по ред, граѓаните попладнево повторно ја блокираа клучната раскрсница меѓу булеварите АСНОМ и Србија, истрајни во барањето за итно решение на еколошката катастрофа со дивата депонија Вардариште, Дури и на Денот на независноста, жителите на оваа скопска општина се собраа во 18 часот на мирниот протест, испраќајќи порака до надлежните дека проблемот со загадениот воздух и неподносливата миризба е поитен од било каква прослава.
Протестите започнаа во петокот, како реакција на пожарот што избувна на депонијата пред повеќе од една недела, а кој сè уште предизвикува загадување на воздухот во источниот дел на Скопје.
Како што најавија, граѓаните ќе продолжат со секојдневните блокади во 18 часот сè додека градските и државните власти не преземат конкретни и трајни мерки за решавање на деценискиот проблем со Вардариште,