Жителите на Лагадин алармираат: По дивоградбата, инвеститорот сега сака да ја узурпира и плажата

 

Здружението на граѓани за заштита на Лагадин денеска упати отворено писмо до министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, и побара итен инспекциски надзор, откако инвеститорот на спорниот хотел во населбата, Никола Толевски, најавил дека планира да го заземе и просторот на плажата, Во писмото, жителите потсетуваат дека проблемот со објектот на „Дебој инженеринг“ трае со години, обвинувајќи дека тој е изграден со кршење на сите закони за градење во заштитениот крајбрежен појас и со целосно игнорирање на препораките на УНЕСКО. Тие го цитираат и поранешниот премиер Зоран Заев, кој во 2018 година за овој проект изјави дека „за чичко Никола не може да биде ‘Не!’, мора да биде “Да!”“.​ Според здружението, листата на нелегални дејствија на инвеститорот постојано се зголемува. Тие тврдат дека тој во меѓувреме нелегално додал уште еден, петти кат на објектот, доградил дополнителни простории и тераси, а годинава го узурпирал и влезот во населбата Лагадин со стеснување на улицата и заземање на две државни парцели.​ „Иако против инвеститорот се поднесени повеќе кривични пријави за нелегално градење и узурпација на јавен простор, не само во Лагадин, туку и во Пештани, тој продолжува со однесувањето ‘Никој ништо не ми може’ уште од 2017 година“, се вели во реакцијата на жителите.​ Поради најавата за, како што велат, узурпација и на плажата, тие бараат од министерот Николоски и од градоначалникот итно да спречат какви било натамошни интервенции околу дивоизградениот хотел за да се спречат дополнителни штети врз еколошкиот амбиент на охридското крајбрежје.

prezemeno od 4news mk

Back to top button
Close