Жителите на Водно тврдат дека Општина Центар прифатила фиктивен елаборат од „Маркеза“

Откако заврши деталната истрага, експертите ангажирани од жителите на улицата Питу Гули на Водно, кои требаа да ги истражат недостатоци во даденото одобрение за градба фирмата „Маркеза“ откриле дека фирмата во својата документација до Општина Центар доставила геомеханички елаборат кој се однесува за друга адреса.

Геомеханичките елаборати служат за детално испитување на земјиштето на кое се планира градба, за понатаму да се пресмета носивоста, присуството на подземни води и слични, пред се, безбедносни параметри. Со специфична механизација, се земаат примероци од одредена длабочина, кои понатаму се испитуваат по лабораториски пат. Адресата која е напишана како локација од која се земени примероците не е адресата за која е издадено Одобрението за градба, туку е поранешната адреса на која е регистрирана Маркеза ДООЕЛ, во населбата Кисела Вода – информираат жителите.

Тие наведуваат дека покрај ова, во елаборатот се вели дека потребните раскопи се изведени рачно, а тоа, според нив, би било невозможно поради тешкиот пристап до парцелата, а и доколку постоеле такви активности ќе ја забележале механизацијата, со оглед на тоа дека потребната длабочина на овие бунари изнесува 12 метри.

Граѓаните од Питу Гули се сомневаат дека фотографиите од 12 метарските бунари, кои се приложени во елаборатот, се направени на друга локација затоа што на парцелата никогаш не биле изведувани никакви раскопи.

На ова земјиште инаку, никогаш во историјата на шумата Водно не постоеле градби и отсекогаш било зелена површина. Со донесувањето на спорниот ДУП во 2014 година се овозможува овој зелен појас да се урбанизира и со тоа парцелите на ридот да се трансформираат во градежни парцели. Парцелата на „Маркеза“ е првата парцела од трансформираниот зелен појас која доби дозвола за градење – се вели во соопштението на жителите.

Тие уште еднаш јавно бараат Општината да ги поправи грешките од минатото и детално да истражи какви се пропусти се направени во овој дел од шумата.

Пред две недели жителите на улицата Питу Гули побараа Општина Центар да го поништи одобрението за градба издадено на „Маркеза“ во април 2021 година од поранешниот градоначалник Саша Богдановиќ. Тие сметаат дека одобрението е издадено спротивно на Деталниот урбанистички план за овој дел.
Во забелешките наведени во своето барање тие велат дека дозволата за градба е дадена за еден спрат повеќе од дозволеното, замаскирано во „галерија”, а дека парцелата на која треба да се гради и која се наоѓа под „плацовите на Водно“ нема пристап до јавен пат, што значи дека не е изведена и не е можно по легален пат да се изведе никаква инфраструктура. Единствен начин, како што тврдат, да се добие пристап до парцелата е да се изгради нова улица на ридот која не е во Програма за уредување на градежно земјиште за 2022 година.

Back to top button
Close