Жив скопјанец цели 25 години се води како мртов, институциите се прогласуваат за ненадлежни наместо да ја исправат грешката

Дури 25 години скопјанецот Афет официјално се води како мртов, а тој е жив и со години води безуспешна институционална битка за да докаже дека диши, иако државата веќе оддамна го отпишала.

Не можејќи да најде излез од институционалниот лавиринт, тој помош побарал и од Народниот правобранител.

-Постапувајќи во рамките на своите уставни и законски надлежности за заштита на
правата на граѓаните, Народниот правобранител постапуваше по претставка поднесена на 24.01.2023 година од граѓанин од Скопје, кој повеќе од седум години води постапки пред повеќе органи за да биде избришан од матичната книга на умрени, каде што бил погрешно впишан по смртта на неговиот брат – близнак, во странство, поради замена на личните документи, се вели во извештајот на Народниот правобранител.

Забуната настанала кога уште во 2001 година братот близнак на Афет заминал во Чешка, а тајно му го земал пасошот. Набргу починал во странство, па според пасошот институциите завеле дека починал Афет.
Тој, иако преку својот отисок од прст докажал дека е Афет, институциите си ја префрлаат топката за тоа кој е надлежен да ја исправи грешката. Одговорноста меѓу себе си ја префрлаат Граѓанскиот суд и Управата за водење на матичните книги.

-Граѓанинот поднел барање до Основниот граѓански суд Скопје да биде прогласен за
жив, но судот донел решение со кое се прогласил за ненадлежен, образложувајќи дека ваква постапка не е предвидена со важечките законски прописи. По правосилноста на одлуката, граѓанинот бил упатен да го решава прашањето пред Управата за водење на матичните книги.
Од друга страна, Управата го упатила граѓанинот повторно на судска постапка, наведувајќи дека единствено судот е надлежен да донесе решение со кое лицето ќе се прогласи за живо, по што Управата би можела да го поништи уписот во матичната книга на умрени.
Со ваквото меѓусебно префрлање на надлежноста, без суштинско постапување по
барањето, Народниот правобранител оцени дека се повредува основното право на живот,
бидејќи на граѓанинот, формално евидентиран како починат, му е оневозможено да ги
остварува и најелементарните права.
И покрај бројните интервенции од Народниот правобранител, Управата за водење на
матичните книги останала на ставот дека е ненадлежна за надминување на состојбата, со
што конкретниот проблем на граѓанинот и понатаму останува нерешен, алармира Народниот правобранител.

На овој 48-годишен сограѓанин, кој е семеен човек, веќе пред многу години требало да му се издаде нов извод на родени, кој му е потребен за да извади нови лични документи. Вака е затвореник во сопствената држава, на кој не му следуваат никакви права. Државата го отпишала по грешка, но иако истата е докажана, не сака повторно да го запише меѓу живите!

Back to top button
Close