Живееме подолго, но бројот на родени деца драстично опаѓа

Македонците живеат подолго, но нацијата продолжува да се намалува. Најновиот „Статистички годишник 2025“ на Државниот завод за статистика открива парадоксална слика: очекуваниот животен век се зголемил за една година, но бројот на родени деца драстично опаѓа, оставајќи ја земјата со минус од над 4.000 жители само во 2024 година.

​Ова е шеста година по ред како земјата бележи негативен природен прираст, тренд кој започна во 2019 година и не покажува знаци на запирање.

​Жените живеат четири и пол години подолго од мажите

​Добрата вест во статистиката е зголемувањето на животниот век. Просечниот очекуван животен век сега изнесува 76,63 години, што е скок од една година во споредба со 2023 (75,32).

 

​Жени: Просечно живеат 78,86 години.

​Мажи: Просечно живеат 74,48 години.

​Алармантни бројки: 700 бебиња помалку за една година

​„Белата чума“ и понатаму зема замав. Во 2024 година:

​Родени се 16.061 деца (пад од речиси 700 деца во споредба со 2023).

​Починале 20.201 лице.

​Минус во населението: -4.140 жители.

​Колку е драматичен падот покажува споредбата со 2016 година, кога имало 23.002 живородени деца.

 

​Демографска карта: Скопје во плус, Истокот се празни

​Единствениот регион во државата што се уште се „држи“ во позитива е Скопскиот регион. Сите останати се во длабок минус.

Најкритично е во Пелагонискиот, Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион, каде негативниот прираст е двојно поголем од државниот просек.

 

​Каде се раѓаат најмногу деца? (на 1.000 жители)

​Арачиново (+10,5)

​Студеничани (+9,7)

​Сарај (+8,4)

​Липково (+6,2)

​Чаир (+5,5)

 

Каде населението најбрзо исчезнува?

​Ново Село (-14,8)

​Новаци (-13,7)

​Старо Нагоричане (-13,6)

​Кратово (-12,8)

​Дури и во Скопје сликата не е униформна. Додека Сарај и Чаир растат, градските општини Кисела Вода (-4,2) и Карпош (-3,9) бележат негативен прираст.

 

Помалку свадби, повеќе разводи

​Статистиката бележи промени и во брачниот живот на граѓаните. Лани бројот на склучени бракови се намалил за 1.600, додека бројот на разводи се зголемил за 259.

Најмногу бракови „пукаат“ во Вардарскиот, Источниот и Југоисточниот регион, каде има над 200 разводи на 1.000 склучени бракови.

Back to top button
Close