Живееме со лажниот Бог?!

Мерсел Биљали

Познат професор по економија жестоко ги критикуваше присутните бизнисмени, а тие иронично го прашаа: „А ти зошто не си богат кога си толку паметен“?! Тој возврати: „А зошто вие не сте паметни кога сте толку богати“?!

Премиерот Мицкоски, знаејќи како овдешни гласачи лесно се сомнуваат во можното, а уште полесно веруваат во невозможното, ќе изјави: „Македонската економија е рангирана на 4-то место во Европа според растот на бруто домашниот производ и се наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска“! Според него, откако е избрана оваа влада реалниот раст на БДП порасна на повеќе од 3%, додека, пак, прилагодениот раст 3,2%. Изгледа власта е полна со празни луѓе!

Следи реакција! „Македонија навистина е на четврто место во Европа по економски раст, ама од позади, оти само Молдавија, Косово и Босна се зад нас. И Албанија беше, ама лани нѐ престигна“ – изјави професорот Бранимир Јовановиќ.

Показателите велат дека македонскиот БДП по жител, според куповната моќ, е само 42% од просекот на ЕУ, додека Црна Гора е многу понапред од нас (со 53%), Србија (со 51%), а и Албанија е пред нас. Тие од власта го загубија вистинскиот пат, ама го пронајдоа погрешниот! А на брод без компас ниеден ветер не му помага!

Ние навикнати да се гордееме со состојби од кои нормалниот свет се срами. Јовановиќ порачува – наместо да пласира вакви лажни вистини, премиерот да се фати за работа и да почне да ги реализира проектите кои толку бомбастично ги најавуваше. Од унгарската милијарда скоро ништо не видовме. Државните капитални инвестиции никогаш не биле послаби, а автопатот кон Охрид мирисува на „потемкинови села“. Пак со лажни свечени лопати ни ја погребуваат иднината!

Во ЕУ просечната стапка на развојот е 1,2%, и дека ние сме биле три пати појаки! Со такви лаги може да се наполнат многу празни глави. Кај нас возвишеното од смешното ги дели само едно влакно.  Имено, според проекцијата на Светската банка за раст на економиите на Западен Балкан за 2025 година, на право место е Косово со 3.8%. Србија 3.5%, Албанија 3,2%, Црна Гора 3%, БиХ 2.8%, а Македонија последна со 2,7%. Во меѓувреме, Светската банка ни ја намали прогнозата на 1,8%, што е далеку од 3,5%. Во услови кога инфлацијата е 4,2%, а проектираниот раст е 3.4%, тоа значи дека ние имаме реален пад од скоро 1%. Практично со најнизок животен стандард и со најниска плата, ние не сме трета, туку скоро последна економија во Европа. Додека власта настојува да добие на време луѓето го загубија просторот. Масовно бегаат. Можеме да го исполниме срцето со убава поезија, но не и празниот стомак. Штом не знаеме каде одиме, сите патишта водат кон таму.

Брзо растечки економии!

Денес бројни држави се развиват со џиновски чекори. Лани, Макао го зголеми БДП на фатастични 27.2%; Гвајана на – 26.6%; Нигер-11.1%; Сенегал-8.8%, Руанда-7.0% итн. Брз развој имаат и држави за кои ние сеуште имаме претстава дека луѓето живеат во дрвја (Буркина Фасо-6.4%; Бенин-6.3%; Етиопија-6.2%; Танзанија-6.1%; Бангладеш-6.0% итн. А ние се фалиме со лажниот раст кој е повеќе од пад. Во Африка се очекува креативни индустрии да растат и до 10 проценти од глобалниот креативен извоз до 2030 година, создавајќи над 20 милиони нови работни места. Подемот на африканската култура би можел да игра клучна улога во економската трансформација на континентот, нудејќи значајни можности за многуте млади луѓе кои се мнозинство население.

Во неодамнешно интервју, водителот на „Фокс њуз“, Брет Бајер, го праша Феликс Чисекеди, претседателот на Демократска Република Конго, како неговата влада ќе ги избалансира континуираните врски со САД, вклучително и преговорите за договор за клучни минерали, а веќе се во блиски односи со Кина! Чисекеди одговори дека влијанието на Кина во Африка „не расте толку“ колку што влијанието на Америка ослабнува. Денес, вкупната трговија на Кина со Африка е повеќе од четири пати поголема од онаа на САД. Креативните индустрии вработуваат поголем процент на млади луѓе во споредба со многу други сектори (околу 11 милиони млади Африканци кои влегуваат на пазарот на труд годишно).

Индонезијците се познати по самоувереност. Дури 80% веруваат дека нивната земја има капацитет да стане глобална суперсила, а неодамна ги стаса и Индијците. Индонезија одржуваше годишни стапки на раст од над 4,5 проценти за време на рецесијата, а минатата година имаше втора највисока стапка на раст во Г-20.

Оваа година, на 1 јули, официјално просечниот Канаѓанец е побогат од просечниот Американец за прв пат. Пред две децении ова би била фантазија. Индија продолжува со импресивна траекторија на раст на земјата почнато од 1990-тите. Сега таму БДП по глава на жител е околу седум пати повисок отколку што беше тогаш, а Индија сега е меѓу десетте најголеми економии во светот.

Во текот на изминатата деценија и Турција, со релативно мала изложеност на европската финансиска криза, успеа речиси да го утрои својот БДП и приходот по глава на жител. Турција сега е најголемиот производител на автомобили во светот, дом на Хонда, Хјундаи, Рено, Тојота и Форд, како и водечки фармацевтски компании.

Во Европа, од падот на Берлинскиот ѕид, Полска стана една од најголемите економии и еден од двигателите на економскиот раст. Нивниот БДП се зголемил од 172 милијарди долари во 2000 година на 842 милијарди долари во 2022 година (повеќе од пет пати).

И соседна Албанија прави силни развојни чекори, особено во туризмот и земјоделието. Таа држава има голем туристички потенцијал од кои само 23% стаса да користи. Моментално силно се инвестира во албанскиот туризам од повеќе светски центри (од Канада до Нов Зеланд). Еди Рама, во свој уникатен стил најави дека во блиска иднина албанската влада ќе биде водена од вештачка интелигенција!

 

Што велат врвни експерти за нас?

Врвни светски познавачи на развојот, мислат дека нашата државата би можела да направи развоен бум ако се фокусира на три области: 1)модерно земјоделство и сточарство; 2)рурален туризам (селски и планински); 3)модерни бањски рекреативни центри. Во скапи инвестиции како што се ски-центри, потребно е јавно-приватно партнерство и странски инвеститори. Сето тоа организирано со ефтини транспорти и чартер летови, пропратено со соодветна меѓународна реклама.

Создадениот профит во голема мера ќе останеше дома, за разлика од странските инвестиции кај слободните зони, каде што профитот заминува надвор. Но, за тоа е потребна сериозна развојна стратегија, компетентни институти, бројни агро експерти, континуирани совети. Тоа не можат да го прават ситни и ефтини политиканти кои ги лажат луѓето за „идентитетот“ никаде во светот прочуено! Кој играат со национализам и прост патриотизам. Дури и Таравари, кој пред година дена кажа дека „му е чест што ќе работи со еден професор како Мицкоски“, сега по телевизии фрла дрвја и камења против него, оти сите инвестиции ги носи на истокот на државата, и дека од 200 помогнати компани, ниту една не припаѓа на Албанец – вели тој! Изгледа премиерот операцијата делење ја знае подобро од операцијата множење.

Тоа е веќе сериозен индикатор што може да ја потресе целата држава, велат информирани странци. Тука треба силни лидери, а не ситни импровизатори, кои сами по себе се природен екзистенцијален конфликт. Со човек чии единствен талент е фрлање дрвја и камења против францускиот (европскиот) предлог, не се гради куќа, туку пропаст. Со копање по минатото се поткопува иднината.

Ние мора да се запрашаме што впрочем се има случено со нас, иако како држава, по распадот на блоковниот систем бевме многу понапред од сите други источни држави (освен Словенија)! Сите станаа силни земји, а ние постојано „кукаме“ како сите нè мразат! Сите тие станаа силни држави, а нам ни е во прашање опстанокот! Во 1991 година во Полска просечната плата беше 47 марки, а сега е 1.689 евра. Во Чешка 48 марки, а сега 1.510 евра. Слично е во Словакија, Естонија, Унгарија итн. Во Македонија во 1991 година просечната плата беше околу 200 марки, а сега сме во дното на Европа. И продолжуваме да „кукаме“ сместени во напуштена и рѓосна пруга, гледајќи низ кршени прозори туѓи брзи возиви кои шибаат кон Брисел! Ниедна дуга држава или нација во светот нема создадено вакви чудни проблеми со соседите! Тој што гледа назад ја губи целта напред. Светот веќе нè има исклучено од орбитата на нормални држави. Сега сме оставени сами на себе и секој нареден ден тука е неизвесен. Штом ја правите нормалноста невозможна, катастрофата станува неизбежна. Чарлс Дарвин вели дека преживуваат само најприлагодливите. А нас времето нè има погазено оти живееме во минатото. За жал продолжуваме да живееме со секакви лажни богови, ама не и со вистинскиот Бог!

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close