Животот вреден за живеење
Со ХИВ денес може да се живее долго и квалитетно. Со одговорно и редовно зимање на антиретровирусна терапија вирусот се пасивизира и супресира до нив на недетектибилност, не се пренесува преку сексуален пат, може да се има нормална бременост и да се родат (и дојат) потполно здрави деца.
И покрај медицинските достигнувања во светот и глобалната достапност на терапијата, во Македонија се уште има социјална стигма, предрасуди кои влијаат вирусот да се врзува само со хомосексуалните мажи, или со ризичен начин на живот, додека истовремено се засилуваат групите против сеопфатното сексуално образование (кое секако меѓу останатото ќе информира и за важноста од заштитата при сексуалните односи).
Имајќи го сето тоа предвид решив да поразговарам со Софија (името е измислено бидејќи имајќи ја предвид социјалната стигма анонимноста е се уште поудобна позиција) да ја сподели со јавноста својата приказна. При тоа, одбивајќи, да заземам патронизирачки став и јас да зборувам за неа ѝ го отстапувам следниот простор:
Приказната на Софија
На моја петгодишна возраст, моите родители починаа од СИДА. Последователно, јас го имам ХИВ вирусот откако знам за себе. Имам 31 година. Ова ги поништува повеќето табуа во Македонија дека ХИВ вирусот е хомосексуална болест. Ме исчува баба ми, која редовно ме носеше на контроли на клиниката за инфективни болести. Да бидам искрена не го паметам точно моментот кога ми соопшти дека сум ХИВ позитивна, ниту пак како ми соопштила, најверојатно тоа било подоцна веќе кога сум пошла на училиште, опишано некако сликовито како за 7-8 годишно дете.
Не се ни сеќавам ниту каква беше мојата реакција. Само знам дека требаше секој ден да примам терапија.
Благодарение на таа АРТ (антиретровирусна) терапија, долги години веќе сум недетектибилна, иако го носам вирусот во себе, што значи дека не можам да го пренесам вирусот никому. Живеам и функционирам како и сите останати „здрави“ луѓе. Да се навратам, едноставно се навикнав на тоа. Тогаш не ми значеше ништо, единствен проблем беше да не заборавам да се напијам апче. Но, како растев и се повеќе разбирав, нон-стоп се прашував зошто баш јас, зошто мене мораше да ми се случи тоа, а најголем беше стравот дека никогаш нема да имам свое семејство.
Мојот сегашен сопруг го запознав пред 5 години. По кратко време состанување, му соопштив за мојот статус. Отпрво, секако беше видно вознемирен и секакви мисли му се вртеле низ глава, главно поради недоволната едуцираност, дека сум го заразила него, а и најмногу го копкаше како сум се заразила. Но, веднаш го посетивме советувалиштето за ХИВ кое е во склоп со Клиниката за инфективни болести, каде по краток разговор со вработените убаво му објаснија, мојот сопруг тоа го прифати, и сега ја имам целата негова поддршка. Секако веднаш се тестираше, што поради чиста контрола, што поради потсвеста, и резултатот беше негативен.
Кога планиравме бременост, повторно се консултиравме со тимот од советувалиштето, и ни објаснија дека нема потреба од паника, бидејќи како што кажав сум скоро цел живот недетектибилна, нема ризик да се пренесе на плодот, а и дека ќе можам да си го дојам бебето без никаков проблем, што верувам за секоја мајка е важно. Исто така ни кажаа, дека нема да сме единствениот пар каде што еден од партнерите е ХИВ позитивен, а притоа бебето е негативно. Тоа уште повеќе не охрабри, и после три години во брак, се роди нашиот син, кој е ХИВ негативен.
Сакам да се разјасни дека СИДА и ХИВ не е исто. Доколку навреме се открие, личноста заразена може да живее нормален и долг живот. Затоа, е од исклучителна важност да се оди на редовно тестирање, за доколку има потреба да се започне со примање на АРТ терапија. Тоа може да го направат во советувалиштето/центарот за ХИВ кој е во склоп со Клиниката за инфективни болести, каде што им стојат на располагање на сите и можат да добијат секакви информации и најважно, поддршка.
Лени Фрчкоска