Жолтата лента на штрајкувачка рака

Штрајковите за зголемување на платите и начинот на кој се одвиваат повеќе наликуваат на партиска директива да не дојде до договор, отколку грижа за вработените.

Во пролетната офанзива на штрајкови што ја зафати Македонија, под ударот на економската криза и по увезената инфлација поради војната во Украина, се сетив на еден многу интересен и поучен штрајк што го видов во Јапонија точно пред 25 години. Без намера да споредувам нешто што не е споредливо и е со вселенска одалеченостм како што се Македонија и Јапонија, еден мал детал ми остави силен впечаток кој останува во сеќавање до ден денешен. Бев сведок на еден многу чуден и за нас несфатлив штрајк. Го нареков жолта лента на штрајкувачка рака. Ај да видиме како тоа изгледа од денешен аспект.

Како гостин на јапонската влада  меѓу другото беше предвидена посета на комплексот тогашни 11 фабрики на Тојота во Нагоја. Квартот, поточно градот со име Тојота сити со 250.000 жители каде од берберници и продавници до градинки и училишта, се е на Тојота, на секои неколку минути од парче лим излегуваше по еден автомобил. Љубезните домаќини, по строго определени патеки кои не пречат на процесот на производство, ме прошетаа низ фабричките хали на големиот гигант.

Фасциниран од она што го гледав, како и од се друго што видов во Јапонија, се чувствував како да сум на друга планета. Од една на друга лента се движеа непрепознатливи лимени контури на кои работниците со неверојатна брзина и чудесна технологија монтираа разни делови како кога децата редат лего коцки откако повеќе пати ја склопиле истата слика. За на крајот, на големиот паркинг да се наредат луксузни автомобили подготвени да тргнат на пат околу светот до купувачите.

Како штрајкуваа работниците на Тојота 

Во мигот на одушевување доживеав цивилизациски шок кога мојот домаќин, инаку универзитетски професор, ми рече: не знам дали забележувате дека работниците на раката имаат жолта лента. Да реков, сега ја забележувам откако ми кажавте. Што значи тоа? Тоа значи, рече со насмевка, дека работниците се во штрајк. Каков е овој штрајк кога овие работат како роботи, прашав вчудоневиден.

Одговорот беше: да, тие работат како и секој ден и го остваруваат предвиденото производство од илјадници автомобили, но жолтата лента означува дека работничкиот синдикат преговара со работодавачите за покачување на платите и за подобрување на условите за работа. И така ќе биде се додека не се најде решение прифатливо за двете страни. Тоа се преговори на спротивставување на аргументите на двете страни кои можат да потрајат и подолго, но речиси секогаш се доаѓа до договор бидејќи и едните и другите добро знаат дека од прекинот на работа губат сите. И работодавачите и работниците и државата. Некогаш тоа е ненадоместливо. Знаете рече, во Јапонија односот кон работата е култ, а односот кон државата и на едните и на другите е повеќе од тоа.

Боже, си реков во себе, зарем и вакво нешто постои во светот- да се штрајкува со работа.Не знам дали и во другите сфери и во другите компании во Јапонија така се штрајкува и дали уште постои таков вид на преговори со непрекината работа, но во изминатите неколку години во Македонија, штрајковите  и преговорите со синдикатите на работодавачите и на државата, само во некои случаи почнаа помалку да ми наликуваат со она што го видов пред 25 години во Јапонија. На тоа гледам како добар правец на бавно зреење на синдикалната борба за поголеми работнички права, за подобри услови за работа и се разбира повисоки плати и поправедна распределба на парите од државната каса. Иако се уште сме далеку од тоа работата да ни биде култ, а уште помалку односот кон државата, а и на државата кон некои дејности и вработени кои се најважниот темел на севкупниот развој.

Опасно сеење страв

Меѓутоа штрајковите за зголемување на примањата, по неодамнешното одредување на минималната плата од 18.000 денари, што во наредните месеци треба да предизвика внимателно поместување на сите плати, начинот на кој се одвиваат и како преговараат синдикатите со владата, повеќе наликуваат на партиска директива да не дојде до договор.

Зголемување на платите од ракав, со нереални проценти, експресно, сега и веднаш на сред преговори може да го предизвика цунамито на неконтролирана таканаречена психолошка инфлација, на празни продавници, скап шверцерски црн пазар, стампедо во банките, ужас кој го гледавме и кој го преживеваме во очај обезвреднувајќи ги заштедите и имотите на граѓаните при  распадот на Југославија, кога печатниците за пари по налог на политиката работеа во три смени.

Милијарди тогашни динари тазе печатени пари се пуштаа во оптек кои ништо не вредат ако не се потрошат до утредента. Во вакви ситуации, на сеење страв без причина, бидејќи тропаат на отворена врата оти платите секако ќе се зголемат, но начинот на кој тоа го прават партиски оркестрираните синдикати е практично подривање на системот и вештачки предизвикување на криза. Апсурдноста е во тоа што опозицијата е таа што, наместо популизам и поттикнување на синдикатите кон уценувачки барања, треба да биде категорична и силна брана владата и монетарната политика да не се впуштат во авантура со антиекономски мерки на брзо  зголемување на платите и трошоците без покритие. Наместо тоа, опозицијата во спрега со синдикатите постапува обратно, со јавно наддавање на неостварливи експресни зголемувања на платите.

За среќа, тврдиот став на кој опстојува владата со постепено нивелирање на платите, стабилноста на банките, девизните резерви и строгоста на Народната банка успешно се справуваат со ваквиот акт против сопствената земја и граѓани.

Злоупотребата на учениците не е синдикална борба

И синдикатот во образованиетосе впушти во опасна игра со уценувачка грижа за учителите, наставниците и вработените во градинките и училиштата. Нивниот ултиматум ќе го платат најмногу учениците. Злоупотребата на децата не е синдикална борба. Загубата ќе биде ненадоместлива и покрај покачувањето на платите. Родителите очајно бараат решенија  како да ги згрижат своите  деца,  најчесто посегнуваат по боледување и отсуство од работа во саатници за порано преземање на децата од училиштата каде не се одвива настава.

За време на штрајкот учениците се сместуваат  како во бегалски прифатилишта да седат во фискултурните сали, или мензи и да ги чекаат родителите кои предвреме ја напуштаат работата со разни изговори за да ги евакуираат своите деца.

Nord-Mazedonien Journalist Erol RizaovЕрол Ризаов

Зошто тврдам дека е штетна, загрижувачка и уценувачка оваа партиска директива насочена против децатата кои одат во градинките и учениците. Притоа не ги земам предвид само законските обврски со кои се регулираат обврските за штрајк и прекин на наставата.

Озаконетото препуштање на партиите кои ќе ја освојат локалната власт да одлучуваат за избор на директори и наставници во училиштата е катастрофална грешка која се провлекува со години наназад за време на повеќе влади. Партиската подобност како императив во  системот на образование е рамно на субверзивен чин. Тој процес на уништување на независниот дух на децата низ образовните процеси во кои растат и се формираат како личности, при безумна партизација незамисливо спокојно го гледаме сите. Се избираат валкани методи на петиции на советниците по општините, разни партиски војници кои ги деградираат и компромитираат  директорите и наставниците за да дојдат на нивните места послушни партиски активисти.

Вториот доказ за замешаноста на партиите додека траат преговорите меѓу  синдикатот и владата  се гледа во фактот што деновиве најголемата опозициска  партија го избра најлошиот аргумент за поддршка на вработените во училиштата.

Велат, во јавни настапи, дека во буџетот има доволно пари за покачување на платите ама владата не ги дава намерно, бидејќи ги арчи на луксуз и на разни коруптивни злоупотреби на парите на даночните обврзници. Да, злоупотреби на буџетски пари и висока корупција има, но манипулацијата со примитивен популизам за повеќе партиски поени, отколку со силната аргументација која е веќе прифатена од владата е исто така злоупотреба.

Лагата дека има доволно пари во буџетот, а егоистичната влада не ги дава заради својата алчност е многу попримамлива и лесно леплива  отколку фактите што е направено, или не е направено за подобрување на образовниот систем во последните неколку години во споредба  со изминатите 30 години независна држава, па ако сакате и во изминатите 40 години кога практично оваа професија  и целото образование е систематски уништувано и сведено под нивото на седумдесетите години од минатот век.

Европеизацијата не почнува со членството во ЕУ, туку од домашното воспитување и од школските клупи. Тоа се гради низ повеќе генерации прво да се негуваат и сочуваат некогашните традиционални вредности, што беа одлика и на Балканот, и врз нив да се надградуваат достигањата на современиот демократски свет. Вака ниту ги сочувавме нашите добри обичаи на убаво воспитување, ниту ги применивме европските вредности. Новите почетоци во таа правилна  насока од последните неколку години повторно се уништуваат во битките за власт во кои се впрегнуваат и синдикатите. За голема жал и во образованието на најголема штета на нашите деца и внуци  последиците ќе траат уште долги години кога еден ден  ќе стаса и нивната одмазда како сегашната  на поранешните повторувачи.

Eрол Ризаов

извор: Дв

Back to top button
Close