Зибери: Во тетовскиот поправен дом 58 отсто од децата се на психијатриска дијагноза, а се прегледуваат од установи надвор од домот
Народниот правобранител Насер Зибери го презентираше извештајот на Националниот превентивен механизам (НПМ) за 2021 година каде се прикажани состојбите во местата за лишување од слобода – полициските станици, затворите, психијатриските болници.
Согласно информациите кои ги пренесе на денешната прес конференција како особено вознемирувачка ја истакна состојбата во КПД „Идризово“ каде се наоѓаат скоро половина од популацијата која издржува казна затвор.
-При увидот во оваа установа увидовме дека се сместуваат и по 16 лица во една просторија. Во 16 метри квадратни, со 8 кревети, имаше 16 осудени лица. Во друга просторија од 19 квадрати имаше 12 лица. Во голем дел од просториите условите се неадекватни а се сместуваат повеќе од 9 лица. Хигиената е лоша, има лебарки, бубашваби, тафтаби, немаат пристап до топла вода и нема можност за одржување на лична хигиена. Ова влијае и за тензичната атмосфера и затоа често има тепачки- истакна Зибери.
Во однос на материјалните услови додеа дека загрижувачка е и состојбата во затворот во Шутка, простории во исклучително лоша состојба, а за кои веќе е укажано дека треба да се затворени.
-Полни се со влага, мувла со несоодветни кревети и душеци, расипани чешми изјави на прес конференција народниот правобранител Насер Зибери.
Народниот правобранител добил информации дека службеници се вклучени во коруптивни дејствија, како и дека затвореници плаќаат за да бидат префрлени во институции со подобри услови и додава дека посебен проблем е несоодветното однесување и деградирачкиот третман од вработените кон затворениците, а во три казнено-поправни установи добил информации дека затворениците биле заплашувани со физичко малтретирање.
-Во затворот Скопје се користат простории кои се лоши, а кои Националниот превентивен механизам и минатата година укажа дека не треба да се користат. Притворениците се сместени во простории во простории со мувла по ѕидовите, каде има стар инвентар, ниско ниво на хигиена, со расипани чешми. Притворениците се жалат на пристапот до вода, кој не е решен. Затворениците складираат вода во пластични шишиња -, додава Зибери.
Само во затворот Тетово инфраструктурата е подобрена. Но и тука има проблем, а тоа е изведувањето на воспитно-образовниот процес, смета народниот правобранител.
„Посебен проблем е несоодветното однесување од вработените. Нехуман начин на постапување со осудените лица е и користењето на кожни ремени, лисици”, додаде Зибери.
Дури 58 отсто од децата во поправниот дом се на психијатриска дијагноза, проблемот е дотолку поголем е што децата се прегледуваат од установи надвор од домот, во присуство на затворска полиција што го ограничува чувството на доверба на овие штитеници со психијатар.Во останатите казнено поправни установи е увидено дека се преземени активности за подобрување на инфраструктурата. Но за жал, поради невнимателно користење на истите во затворот во Струмица и КП домот во Штип, просториите се руинирани. Како посебен проблем се појавува и прашањето на условите во кои се сместени лицата, здравствената заштита, процесот на ресоцијализација и воспитниот процес кај малолетните лица. Прекубројноста посебно е изразен во КП Идризово, Штип, Прилеп, затворот Скопје, Битола, Прилеп“, констатира Народниот правобранител.