Зиков за ТВ 24: ВМРО-ДПМНЕ со одложувањето на уставните измени подготвува терен за предвремени избори

Македонија денеска е побезбедна одошто беше. Тоа го гледаат и граѓаните и партиите. НАТО и ЕУ, или евроатлантската интеграција на Македонија е стратешки правец за нашата земја. Едниот дел е остварен, делот со НАТО, и сега ја гледаме важноста на членството во НАТО. Денеска, во 21 век, безбедносните предизвици не доаѓаат само од физичка, вооружена агресија. Да не бевме членка на НАТО ќе бевме заедно со Косово и БиХ кои се недефинирани територии. ЕУ сега дава сигнали дека сака да му посвети внимание. Србија не сака да влезе во НАТО. Ако не бевме членки на НАТО нашите проблеми со соседите, со Бугарија, па и со Грција, нашите проблеми ќе беа многу посилно изразени. Тоа што сме членки на НАТО значи дека Алијансата има интерес за нас, вели Љупчо Зиков во емисијата „24 анализа“ на ТВ 24.

– Косово не е членка на НАТО па има високи инвестиции. Србија не е членка, па има многу странски инвестиции. Странските инвестиции не се поврзани со НАТО. Точно е дека во Македонија има корупција, ама има 30 години и не гледам дека опозицијата има начин како ќе се бори против корупцијата. Не е борба против корупција ако ги укинете замениците министри, ќе се намали бројот на пратеници на 90, ако се укине Судскиот совет, но ќе има пет нови министерства со што јас се согласувам, оти не може едно министерство да се занимава со 4-5 различни проблематики. Тоа не е борба против корупција. Борба против корупција е кога имаме случаи на осудени за корупција, вели Зиков.

Зиков вели дека тој се залага за ветинг, а ако не знаеме како се прави тоа треба да научиме од Албанија.

Ако лидерот на опозицијата има информации дека имало лажни фактури за поврат на ДДВ тоа требало веднаш да го пријави или Обвинителство да постапи по допрен глас. Тоа не е реформа. Тоа е кривично дело што институциите треба да го истраѓат веднаш, вели Зиков.

Зиков за уставните измени вели дека имало многу прилики да се направат компромиси со Грција кои биле многу поповолни, но кои ВМРО-ДПМНЕ не ги прифати оти редовно проблемите ги става под тепих. Истиот случај е и со проблемот со Бугарија и барањето гаранции од Европа за македонскиот идентитет.

– Рамката со ЕУ е изгласана и тоа е закон. Од таму враќање нема. Може да има обид. Ако ние денес ги ставиме Бугарите во Уставот ама одложено тоа е ништо друго освен каприц, вели Зиков.

Back to top button
Close