Зимата тропа на врата: Снег, дожд и силен ветер – што не очекува до крајот на неделата?
До крајот на неделата, Македонија ќе биде зафатена со променливо време, проследено со врнежи од дожд со различен интензитет. На планините и повисоките места со надморска височина над 1000 метри, особено во западните делови, ќе има врнежи од снег, со што снежната покривка ќе се зголемува.
Неделата ќе донесе засилен ветер од јужен и југоисточен правец, што дополнително ќе го засили впечатокот на променливото време.
Во Скопскиот регион, времето ќе биде слично – променливо со локален дожд. На околните планини повремено ќе паѓа снег. И во овој дел од земјата, ветерот од југоисточен правец ќе биде засилен, особено во недела.
Што се однесува до температурите, утрата ќе бидат релативно благи поради облачноста, со минимални вредности над нулата на повеќето места, освен на планините каде ќе биде значително поладно. Максималните дневни температури ќе се движат меѓу 6 и 13 степени Целзиусови.
Се очекува нов бран на студен воздух од север кон средината на следната седмица, за што ќе има подетална прогноза за време на викендот.