Злосторничкото здружение ДУИ–СДС подметнува чад и отров палејќи ги скопските депонии, обвини ВМРО-ДПМНЕ
Злосторничкото здружение ДУИ–СДС, неможејќи да го прифати фактот дека се поразени и дека граѓаните ја враќаат државата на прав пат, прибегнува кон најопасни и криминални методи. Наместо политики, подметнуваат чад и отров палејќи ги скопските депонии, обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
„Откако не им успеа подметнувањето на пожарите ова лето низ селата и градовите во Македонија, сега се одлучија за нов, последен очајнички потег: палење на депониите во Скопје со цел да предизвикаат страв, незадоволство и хаос меѓу граѓаните. Со тоа не само што прават тешко кривично дело, туку свесно го уништуваат и здравјето на скопјани, што е политичко безобразие од најекстремен вид“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, со години СДСМ и ДУИ управувале со депониите „Дрисла“ и „Вардариште“, тие ги поставувале директорите, воделе политики, ветувале фабрика за селекција на отпад, зелена зона и чист воздух.
„Сè остана само на хартија. Единствено што оставија зад себе е смет, диви депонии и труење на луѓето. Спротивно на тоа, скопските градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ веќе четири години реализираат конкретни проекти за чистење и уредување на јавните површини, за воспоставување систем за селекција на отпад и за зајакнување на јавната хигиена. Владата во изминатата година започна процес на темелна ревизија на целата еколошка политика и подготви нови проекти за модернизација на ‘Дрисла’, за затворање на дивите депонии и за воспоставување европски стандарди за управување со отпад. Тоа е вистинската разлика меѓу криминалното наследство на СДС–ДУИ и одговорниот пристап на ВМРО-ДПМНЕ“, соопшти партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ поставија неколку прашања:
1. Како тоа баш пред локални избори почнаа да „горат“ депониите?
2. Како тоа токму сега „Дрисла“ почна да загадува и да гори отпад?
3. Дали постои организирана структура зад ова?
Партијата ги повика Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство итно да спроведат темелна истрага за инволвираноста на двете партии во, според нив, намерното палење депонии.
„Денес, наместо да одговараат за националните порази и еколошките катастрофи што ги предизвикаа, тие повторно се обидуваат да ја запалат вистината и да го задушат Скопје. Граѓаните добро знаат: вистинската еколошка катастрофа се вика СДС–ДУИ“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, денеска избувна голем пожар во фабриката „Ф-Групација“ во скопско Трубарево по што лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, на Фејсбук напиша дека состојбата апсолутно излегува од контрола споделувајќи фотографии од пожарот.
Тој напиша дека за неколку дена изгореле две фабрики и обвини дека две недели власта не може да ги изгасне пожарите во депониите „Дрисла“ и „Вардариште“.