Змиско око од Кочани
Има голема веројатност судскиот процес за огромната трагедија во Кочани од потрага по виновниците по неколку години да се претвори во политичка фарса, а сеќавањето на жртвите да стане второстепено. Пишува Љупчо Поповски
Тој што го смисли името на операцијата во 2007 година, кога беа апсени десетици луѓе кои работеа на патарините – „Змиско око“ – имал некаков смисол за ингениозност. Не дека името на операцијата имаше некаква допирна точка со спектакуларното апсење со специјалци во ноември 2007 и траеше неколку дена, и што тогашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска велеше дека се реализирала најголемата, најдолгата и најмасовната операција дотогаш, туку што синтагмата „змиско око“ стана симбол за тоа колку една истрага може да биде толку контроверзна. Колку судењата во процесот што траеше 16 години беа неефикасни и контрадикторни, колку за луѓето уапсени во таа операција судењата се претворија во голгота на нивните животи. Всушност, животите им ги претворија во судски процеси кои завршија во октомври 2023 кога со чудните измени на Кривичниот законик нивните дела застареа.
Апелацискиот суд три пати го враќаше предметот пред Кривичниот суд, а имаше и осудителни, условни и ослободителни пресуди. Уапсените се гонеа дека организирано формирале злосторничка дружина која не издавала фискални сметки за платени патарини, а парите ги ставале во џеб, по што организирано ги делеле. Имаше уште еден речиси идентичен случај – „Змиско око 2“, во кој дваесетина обвинети беа ослободени за „злоупотреба на службената положба“. И во овој случај Апелацискиот суд ги укинуваше пресудите на Кривичниот суд.
Многумина, особено од помладите читатели, имаат редица прашања за тоа што, всушност, беше процесот „Змиско око“, кој сега толку често се споменува во истрагата, апсењата и притворите за трагедијата во Кочани. Дали масовните апсења на осомничените кои биле на некаква функција уште од 2012 година може да го претворат овој случај во „кочанско змиско око“, за тој потоа да се претвори во долгогодишна судска одисеја во која малку ќе се сеќаваме на жртвите од Кочани, а многу повеќе ќе се занимаваме со умешноста на адвокатите да наоѓаат слаби точки во предметите на обвинителите, а една навистина екстремно траорна трагедија да се претвори во политичка фарса.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски пред некој ден на Телма велеше дека е свесен оти истрагата за Кочани може да се претвори во ново „Змиско око“ и дека размислуваат одговорноста на осомничените да се распореди во неколку групи за поедноставно судење. На колку групи? На пет по десетина луѓе (и можеби повеќе, затоа што истрагата не е завршена). На седум-осум групи? Во овој момент не што ние не можеме да одговориме, туку ни обвинителството нема прецизна слика што сака да направи со толку многу осомничени, во овој момент 59. Јасно е дека сака да покаже дека системот, преку примерот на Кочани, не функционирал и дека бил подјаден или изеден од јавашлак и корупција. Но прашањето што го поставуваат сѐ повеќе експерти, луѓе од правосудната сфера, е дека токму широчината на оваа истрага, во која досега речиси целосно се опфатени само поранешни функционери, раководители, службеници и полицајци, може да го поткопа огромниот напор на обвинителите.
Бранителите на широчината
Оваа широчина на истрагата беспоговорно ја бранат претставниците на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, затоа што смртта на 62-те лица во дискотеката „Пулс“ предизвикува сериозна политичка последица за партијата и генерално власта. Како што потпретседателот на Собранието и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, во четвртокот на Алсат изјави дека „ваквата темелност во истрагата, која што оди и неколку години наназад, е правно издржана“. Но ни тој, ни другите вмровски претставници, а ни државниот обвинител Љупчо Коцевски немаат добро објаснување зошто во досегашниот тек на истрагата не е опфатен ни актуелниот министер за економија (девет месеци на оваа функција) ниту пак полициските командири во Штип и Кочани или други полициски службеници, кои раководеа или беа на функции во времето на пожарот на 16 март. Ова е голем политички товар за ВМРО-ДПМНЕ, но партијата во овој момент се реши тој товар да го носи на грб, веројатно верувајќи дека со време тој товар ќе калира.
Но прашање е дали обложувањето на оваа стратегија на крајот политички ќе се исплати. Не е некое големо откритие дека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, ќе биде трајно обележан дека во негово време се случи оваа досега најголема трагедија и дека наместо барем да понуди оставка од морални причини, тој се реши да пишува политички памфлети и давајќи едни те исти изјави за тоа колку лошо се работело во минатото. И дека Министерството под негова команда работело прецизно како некаков саат. За негова жал, тој може да напише уште десет такви памфлети (како оној долгиот пред неколку дена), но тоа нема ништо да промени во перцепцијата на јавноста во наредните десетлетија – дека тој останал морално нечувствителен (барем јавно) за смртта на толку многу млади луѓе. Неговата политичка кариера на одреден начин е завршена. Тој може да остане на функцијата до крајот на мандатот на оваа влада. Може да добие и друга функција потоа, но тој ќе ја носи со себе оваа трагедија како лепра.

Доколку поднесеше оставка (или му беше дозволено тоа), јавноста ќе можеше да го протолкува тоа како доблестен чин, па ќе имаше можност подоцна политички да се реинвестира. Сега работите изгледаат како да се доцна за него. А и премиерот Христијан Мицкоски можеше да ја менаџира таа оставка, затоа што на тој начин ќе ја штитеше владата (а и партијата) од бурите кои може да бидат уште поголеми во идните месеци. Има едно правило во политиката – премиер или претседател во одреден момент, кога тоа претставува голем товар за власта, за одреден скандал или трагедија се ослободуваат од министри (без оглед колку и да им се тие политички или на друг начин блиски) за да го сочуваат или обноват наративот. На пример, српскиот претседател Александар Вучиќ се откажа прво од министерот за инфраструктура Горан Весиќ по падот на настрешницата во Нови Сад, а подоцна и од премиерот Милош Вучевиќ (кој е и претседател на Српската напредна партија) и од градоначалникот на Нови Сад по нападот на активистите на СНС на двајца новосадски студенти. Тој напад беше минорен во однос на корупцијата околу поправката на настрешницата, но Вучиќ како политички итрец, сакаше да го амортизира огромното незадоволство во Србија, поттикнато од масовните протести на студентите, и на некаков начин да ја сврти фортуната на своја страна. Србија сега има нова влада.
Мицкоски ја нема таа политичка итрина, ниту искуство. Тој реши да го брани директорот на АНБ, Бојан Христовски, околу неговиот наводен сертификат за англиски јазик од јазично студио во Бугарија што не постои, затоа што мисли дека одлуката за неговиот избор мора да биде конечна и таа не треба да се доведува под прашање. Дури не го ни смени ни пaртискиот активист од Демир Хисар и заменик-директор на „Македонија пат“, Сашо Дранго, за снимката со отепаната мечка. Иако премиерот јавно изјави дека не верува во приказната на Дранго дека мечката ја нашол отепана на патот, па потоа ја влечел на ридот. Сашо Дранго не беше сменет, ниту поднесе оставка, туку беше заменет откако му истече привремениот шестмесечен мандат во претпријатието.

Овие случаи покажуваат многу за политичката опитност на Мицкоски и за неговото чувство дека може да ги контролира работите онака како што тој мисли. И да не замислува многу за можните последици.
Земете ја, на пример, неговата изјава од Емиратите каде беше во четиридневна посета со македонска министерска делегација. Откако наброи со кого се сретнале, за што разговарале, какви можности им нуди Македонија на потенцијалните инвеститори, тој ја заврши изјавата со оваа реченица: „Ве поздравувам од Абу Даби и се гледаме во нашиот балкански, европски, светски бисер Охрид за Велигден, да го чествуваме Христовото воскресение“.
А неколку часови преходно стигна уште една тажна вест, овој пат од Белград. Дека од повредите од пожарот во ВМА во Белград починал 24-годишниот Стојанче Стефанов од Кочани, 62. жртва. Многумина ќе речат дека премиерот можеше да каже барем некој збор за Стојанче, да сочувствува со неговото семејство и неговото Кочани. Но изгледа како Мицкоски да не сака веќе да се занимава со Кочани, нека го прави тоа полицијата и обвинителството, тој има поважни државни работи кои не се поврзани со емпатија. Тој уште утредента по седумдневната жалост отиде во Радовиш за да му биде претставено како ќе се пренаменува поранешната стоковна куќа, а вториот ден во Бутел, каде му беше објаснувано како околу Радишани ќе се градел голем парк. Кочани веќе беше во друга фиока.
Каузалитетот во правото
Да се вратиме на „змиското око“ што може да падне врз истрагата за трагедијата во Кочани. Обвинителот Љупчо Коцевски минатата недела на прес-конференција објаснуваше дека правото признава дологорочен каузалитет. Со тоа тој ја оправдуваше опширната истрага и големиот број осомничени (тогаш 45 а сега 59). Според него, „континуирано игнорирање на ризикот во долг временски период може да создаде основа за правна и етичка одговорност“.
За да ѝ даде поттекст на оваа платформа на обвинителите и истражителите, Коцевски наведе три светски примери, зошто истрагата оди толку далеку во минатото, а малку во сегашноста. Тој ја спореди македонската истрага со оние во Романија, Бразил и САД за големите пожари во клубови во кои загинаа многу луѓе.
Не е јасно дали обвинителот погрешно бил информиран од своите надлежни служби, или самиот погрешно се информирал за тоа дека „правото признава долгорочен каузалитет“, но Коцевски за ниеден од овие три случаи не беше во право.
Клуб „Станица“, Род Ајленд, САД. Пожарот се случи вечерта на 20 февруари 2003 година во „Станица“, ноќен клуб во државата Род Ајленд, САД, при што загинаа 100 луѓе и беа повредени 230. Пожарот се случи по палењето пиротехнички средства за време на настапот на бендот „Грејт вајт“. Во рок од шест минути целата зграда беше во пламен. Пожарот бил предизвикан од пиротехниката што ја запалил менаџерот на групата, Даниел Биекеле, а искрите ја зафатиле акустичната пена на ѕидовите. Беше покрената сеопфатна истрага и големата порота (тоа е поинаков судски систем од нашиот) во декември 2003 година објави обвиненија против двајцата сопственици на клубот „Станица“, Џефри и Мајкл Дердеријан, и менаџерот Даниел Биекеле. Менаџерот ја призна вината за 100-те обвиненија. Во мај 2006 судијата му пресуди на Биекеле 15 години затвор, од кои четири мора да отслужи, а 11 условни.
Едниот од браќата Деридијан сопственици на клубот, Мајкл, доби 15 години затвор (четири да ги отслужи и 11 условни), додека на другиот брат Џефри му беа одредени 500 часови општествено корисна работа.
Тоа беа пресудите за „долгорочен каузалитет“, како што рече во неделата Коцевски. Големата порота одлучи дека само тројца се највиновни бидејќи биле непосредно поврзани со трагичниот пожар.
Но после оваа пресуда имаше редица граѓански спогодби во кои беа исплатени 176 милиони долари. Најголема отштета во договор со жртвите (25 милиони долари) исплати компанијата што ја произвела акустичната пена што беше инсталирана во „Станица“, која произведе отровни гасови.
Дискотека „Колектив“, Букурешт. Во дискотеката „Колектив“ во Букурешт, Романија, во пожарот предизвикан од употреба на пиротехнички средства настрадаа 27 лица, а подоцна во болниците од лошо лечење починаа уште 37 души. Вкупно 64. Пожарот во „Колектив“ се случи за време на бесплатен концерт изведен од металкор бендот „Goodbye to Gravity“ за да го прослават објавувањето на нивниот нов албум. Пиротехниката на бендот предизвика горење на запаливата полиуретанска акустична пена на клубот и огнот брзо се прошири. Сите членови на бендот освен еден загинаа во пожарот. Повеќето од жртвите биле отруени од токсините ослободени од запалената пена.

Речиси веднаш почнаа големи протести во Романија наречени „Колектив револуција“. Гневните луѓе бараа оставки од премиерот Виктор Понта, министри и градоначалникот на реонот. Тие беа критикувани дека овозможиле клубот да добие лиценца за работа без да има противпожарна дозвола. По само четири дена од пожарот и масовните протести, премиерот Виктор Понта поднесе оставка.
Судењето за одговорните за таа трагедија почна во 2017, а конечните второстепени пресуди беа донесени во мај 2022. Значи, безмалку седум години од несреќата. Осум лица добија казни затвор, тоа беа активните функционери во тоа време, сопствениците на клубот и надлежните за пиротехничките средства што ги употреби рок-групата за својата свирка. Вкупните затворски пресуди изнесуваа 61 година.
Тогашниот градоначалник на општината Сектор 4 доби четири години затвор затоа што ѝ дозволил на дискотеката „Колектив“ да работи и покрај тоа што не ги обезбедила неопходните безбедносни стандарди. Клубот имаше тројца сопственици. Еден од нив беше осуден на 11 години и 8 месеци затвор, додека другите двајца косопственици добија по 8 години затвор. По 6 години и 10 месеци затвор добија двајцата техничари кои го поставија огнометот за рок-концертот од кој избувна пожарот. Двајцата пожарникарски функционери, кои требало да проверат дали дискотеката ги исполнува сите безбедносни регулативи, беа осудени на затвор од 8 години и 8 месеци секој. Судот пресуди дека семејствата на жртвите од пожарот во „Колектив“ имаат право на вкупна отштета од околу 36 милиони евра.
Клуб „Кис“, Бразил. Ако не ги знаете деталите за трагичниот пожар во клубот на југот од Бразил во 2013 година можете да ја погледнете серијата на Нетфликс за овој настан во кој загинаа 242 лица, а 630 беа повредени.
Пожарот во клубот „Кис“ во државата Рио Гранде до Сул, Бразил се случи на 27 јануари 2013 година. Пожарот започна откако огномет наменет за надворешни услови се користел во затворена просторија и го запали таванот. Во клубот имало само еден излез што придонесе за толку голем број загинати, а дополнителна паника и стампедо предизвикало гаснењето на струјата. Единствената светлина во зградата доаѓала од тоалетите каде што луѓето се собрале, но останаа заробени бидејќи веруваа дека тоа е излез.

Забавата била организирана од студенти од шест факултети и технички курсеви на Федералниот универзитет во Санта Марија. Бразилската полиција изјави дека пожарот започнал кога бендот што настапувал запалил пиротехничко средство додека настапувал на сцената. Пиротехниката случајно запалила акустична пена на таванот. Дури 90 проценти од жртвите починале поради вдишување чад, конкретно цијанид. Многу луѓе загинаа додека се обидуваа да се скријат во бањите или, во паника, ги помешаа за излези. Најмалку 180 тела биле извадени од тоалетите.
Во судскиот процес што заврши во 2021 година за смртоносниот пожар беа осудени четири лица, сите најнепосредно поврзани со трагедијата: двајца сопственици на клубот и двајца членови на групата. Тие добија долги затворски казни од 18 до 22 години. Но во август 2022 во процесот на жалби апелацискиот суд ја поништи пресудата поради несоодветниот избор на поротата. Во септември 2024 бразилскиот врховен суд нареди четворицата осудени итно да бидат затворени додека траеше недогледниот круг на жалби. Сега течат жалбите на овие пресуди на Врховниот суд.
Во ниеден од овие случаи не беа осудени луѓе што имале некаква функција или задачи во минатото. Сите биле одговорни за она што се случи во моментот. И нивната бројка изгледа премногу мала во однос на истрагата што се прави овде. Се разбира, овие процеси не треба да бидат целосен пример и за македонската истрага. Македонскиот случај може да постави нов образец во европски, па и светски размери. Ако истрагата и последователните судења успеат да доведат до консеквенции. И за осомничените и за нефункционирањето на системот. Само да не бидат 16 години како за „Змиско око“.