Значи сами бараме бугарското барање да стане европско: Димитров за најавата на Петков за промената на македонскиот Устав

За овој чекор да има логика, Бугарија, во истото писмо, треба да се обврзе дека ќе ја прифати рамката во која за македонскиот јазик нема да има (до)објаснувања, оценува доскорешниот вицепремиер, во врска со изјава на бугарскиот премиер за „Еурокатив“ дека тој и Ковачевски ќе достават предлог до ЕК, Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав во текот на преговорите со ЕУ

 

Значи ние самите бараме бугарското барање да стане европско, коментира доскорешниот вицепремиер за европски прашања и поранешен шеф на дипломатијата, Никола Димитров, по најавата на бугарскиот премиер, Кирил Петков, во изјава за „Еуроактив“, дека со македонскиот премиер ќе достават заеднички предлог до Европската комисијата, Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав во текот на преговорите со ЕУ.

„Понатаму, Петков зборува за некаква потреба од правна заштита за етничките Бугари кај нас, нешто што веќе е уставно гарантирано за сите македонски граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.Ако ова писмо се прати, Владата практично би се обврзала на нешто за кое не е уставно надлежна (измена на Уставот прави Собранието со 80 пратеници) и второ – повторно ние правиме концесија, без притоа да има договор за прашањата што во проблемот со Бугарија нам ни се клучно важни, како на пример – чист македонски јазик во преговарачката рамка пишува Димитров на Фејсбук.

Според него, ова или води кон целосна победа/пораз или кон отежнување на каков било договор во иднина, бидејќи со оваа тактика јасно е оти ќе останат како нерешени само прашањата што нам ни се суштествени.

„За овој чекор да има елементарна логика, во најмала рака Бугарија, во истото писмо, треба да се обврзе дека ќе ја прифати рамката во која за македонскиот јазик нема да има (до)објаснувања, заедно со другите суштински елементи за македонската страна, како што е на пример фактот дека нашето делување во Советот на Европа никако не може да се подведе под мешање во внатрешните работи на Бугарија. Главното прашање е дали е тоа обезбедено? Искрено се надевам дека е така. Оти без таква гаранција, ова не само што би било исполнување на уште едно нивно барање без никаква возвратна концесија, туку е рамно на национален пораз“,пишува Димитров.

 

Бугарскиот премиер, минатата седмица, во интервју за „Еуроактив“ рече дека ќе се побара Брисел да биде гарант дека Бугарите ќе влезат во македонскиот Устав, оценувајќи дека тоа не е билатерално прашање, туку е во согласност со принципите на сите земји членки на ЕУ.

„Мислам дека сега имаме разбирање со новата влада дека во Уставот треба да биде вклучено дека секој Бугарин во Северна Македонија може да се чувствува рамноправен со другите Македонци со поинакво потекло. Се согласивме дека оваа еднаквост и антидискриминација треба да се направи и сега треба да го најдеме вистинскиот механизам за да се осигураме дека ќе се случи. Не е дека едната земја притиска, а другата вели не, туку сега планираме да излеземе пред ЕК со заеднички предлог, заснован а Копенхашките критериуми, на принципите на законска заштита на луѓето со поинакво потекло“,рече Петков.

 

Back to top button
Close