Знаење во синџири
Македонскиот Универзитет е повторно под напад. По краток период на релативна стабилност воспоставена со Законот за високо образование од 2018 година, академската слобода и институционална автономија се чини дека влегува во слободен пад. Тешко е да не се види врската помеѓу авторитарните напади врз УКИМ и партијата која е на власт, која секој свој мандат го распорува образованието како лесна мета. Не можејќи да придвижи ништо друго (економски раст, пристап до основни услуги, намалување на наееднаквоста, иновации и технологија и еколошка одржливост) полесно и е да го замолчи (хегемонизира) Универзитетот. По втор пат или којзнае кој пат истата партија дава долгорочни гаранции дека образованието ќе има неминовна пропаст. Колку послабо ја разбира науката, толку критериумите стануваат полоши.

Па така, денес се соочуваме со три нови закони (за високо образование, обезбедување квалитет и научни истражувања) како предлози на власта за „подобрување на квалитетот и академските стандарди“. Иако преставени како напредок, тие се некохерентни, контрадикторни и противуставни закони. Инклузивноста и експертизата на кои се повикува министерката (поради тоа што во нивното изготвување биле вклучени голем број професори и експерти) низ законските решенија се покажува повеќе како патронско-клиентелистички однос, во кој пермисивниот патрон (министерката/власта) им допуштил на своите клиенти да се послужат со законите за своите приватни цели. Спротивно на научно-експертска делиберација, тоа е пацификација преку селективни стимулации на конкретни професори и индивидуи од министерството.
Оставено е на кадрите на УКИМ да се напрегнат во анализата на визиите врз кои се потпира предлогот: прелевања од факултети, полнење со подобни кадри, непотизам, лични фабрики за дипломи без реална меродавност. Далеку од некаква поврзана замисла за иднината на образованието, секој „научен“ придонес е обликуван од лични/приватни интереси, споени во крпеница од противречности. Она што го имаме пред нас не е закон – тоа е лавиринт од себични клаузули со кои во потрага по академски пози, статус и влијание „СИ ИГРАМЕ ОБРАЗОВАНИЕ“.
Сепак, она што на целата оваа мешавина од приватни интереси им дава некаква кохерентност е централната улога на власта. Другата страна на пермисивноста на владата е нејзината неограничена контрола. Меурот во кој (треба да) ужива непотистичката корумпирана академија оди рака под рака со поништување на универзитетската автономија и академската слобода.
Па така, се е во рацете на владата и министерството за образование: од статутотот на Универзитетот, студиските програми до предметните области и бројките на часови на професорите. Комплетната контрола на внатрешните управувачки структури и факултетското/универзитетското лидерство, како и централизацијата и проширувањето на надзорните и регулаторните структури треба да поттикнат самоцензура, финансиска зависност и брзо нормализирање на авторитарната контрола. Дополнително, бројните контрадикторности во законските решенија водат кон парализа во управувањето и администрацијата, произволно толкување и спроведување на одредбите и казнување.
Каде се, пак, младите во визиите на владата за високото образование? Никаде, главно занемарени. Тие треба да се прилагодат на пазарот на трудот (ако сакаат да живеат во својата држава). Но „пазар на труд“ во држава со некомпетитивна економија и држава што ја наградува лојалноста пред вештината, ја потиснува конкуренцијата и иновацијата и ја блокира нагорната мобилност – не може да акомодира добро образование. Врзувајќи ја иднината на младите со непостоечки пазар, институционални неправилности, непотизам и важност на социјалните врски, власта ја поткопува вредноста на образованието и ги претвора дипломите во симболични акредитиви. И додека професорите треба да инвестираат во својата импактност, младите луѓе треба да прекинат да се надеваат, да не очекуваат многу од сопственото образование.
Покрај систематското ништење на мотивацијата на младите за вложување на време, енергија и оставени без ресурси во текот на студирањето, законските ограничувањата за избор на факултет, ограничувањето на интердисциплинарноста/мултидисциплинарноста и укинувањата на непопуларните студиски програми треба да ја угуши и нивната љубопитност – која не е тривијална особина, туку е двигател на напредокот, демократијата и моралот. Таа го трансформира пасивното прифаќање во активно ангажирање, осигурувајќи дека општествата еволуираат, а не се уриваат во рутини на догма. Со љубопитност, младите луѓе стануваат агенти на промени – предизвикувајќи ги нормите, проширувајќи го знаењето и градејќи поправедни и живи заедници.
Дополнително, со кратењето на непопуларните или малубројните студиски програми, власта гарантира ерозија на интелектуалната разновидност и ослабување на професионалните екосистеми, оставајќи празнини во експертизата од која зависи општеството. Непопуларните студиски програми се крвотокот на критичката рефлексија (размислување, критички надзор и етичко расудување), културното наследство и иновацијата (фондот на идеи што ги хранат новите индустрии и јавните решенија).
Кога министерка предлага закон со кој се откажуваат студиски програми едноставно затоа што привлекуваат помалку студенти, таа прави повеќе од намалување на трошоците. Таа штеди на самата основа на отпорно, напредно и слободно општество. Ова не е политика на ефикасност – таа е исклучување и културен/државен вандализам што ги замолчува потенцијалните – замисливи, уште неоткриени, но остварливи перспективи неопходни за опстанок на општеството.
Ова, исто така, поттикнува дополнителна концентрација на моќ кај антиинтелектуалните елити кои ги контролираат „профитабилните“ програми, непотистичко-кронистички кланови залегнати по факултетите. Во цревни врски бизнис-судство-академија-ману со децении тежат врз развојот на науката и демократијата додека негуваат привилегии, ја зачувуваат нееднаквоста и се изолираат од последиците на нивните одлуки во реалниот живот.
Па така, најавените промени што нагласуваат дипломи „подготвени за работа“, иронично го стеснуваат не само спектарот на знаење, туку и работните перспективи достапни во општеството. Студентите ги претвораат во (партиско) зомби, кое треба да го најде својот пат во тесноградоста и клиентелизмот.
Со кратење на финансиите за истражувања, можностите за меѓународна соработка и визитинг професори, единствениот прозорец за „ѕиркање“ или краткотраен увид во светот о/стануваат државните стипендии за универзитетите рангирани на Шангајската листа (како симптоми на опсесијата на власта). Големи суми пари се издвојуваат за испраќање на политички одбрани поединци во странство, наместо за системски инвестиции дома (библиотеки, лаборатории, развој на факултетите, поддршка на студентите). Наместо подобрувања на широка основа, ресурсите одат кај мала група (речиси секогаш) партиски врзани поединци, кои со новиот закон треба да се вратат на загарантирани позиции на факултетите. Се ова создава концентрација на придобивките и зависност од надворешен престиж, наместо градење на локални/национални капацитети. Дополнително, Законот го изедначува квалитетот со рангирањата на Шангајската листа кои самите по себе се контроверзни и себе-колонизирачки. Ова ја стеснува академската разновидност и ги потценува локалните силни страни. Во суштина, стипендиите ја централизираат контролата на министерствата, ги привилегираат политички поврзаните лица и ги пренасочуваат ресурсите подалеку од системските образовни реформи.
Сумирано, секоја одредба на предложените закони е средство за континуирано демонтирање на интелектуалниот живот, за одземање на универзитетите на нивната автономија и за сведување на интелектуалната работа на неважна, контрадикторна, немоќна. Образованието ќе треба да биде такво какво што партијата е способна да го замисли: давател на услуги, неплатен труд, неквалитетни услови и немање на ресурси. Образование (провинциски насочено) кое не може да е подалеку од глобалното.
И крстоносната војна на вмро против образованието одразува подлабок, посистемски презир кон самиот интелектуализам. Сепак, буткањето на новите закони е далеку од некаква дијаболична стратегија или мефистофелски план. Тоа е едноставно замавот што може да си го дозволи оваа власт. Додека изјавите на министерката стануваат фокална точка на целата омраза кон интелигенцијата, ехото на тој безобѕирен анти-интелектуализам го овозможува токму молкот на УКИМ. Толку лесно може да биде само ако се молчи. Партијата ги сака факултетите за себе, како бојни полиња за партиска контрола.
Држени вака, контролирани од клиентите од внатре, факултетите на УКИМ се ставени во позиција да даваат предлози за „подобрување“ на законот, наместо негово директно одбивање како противуставен. Наместо закопување во срамната позиција во која се сместени, тие ќе мора да излезат од неа и да побараат законските предлози да бидат отфрлени (а не поправани) како процедурално неисправни, фундаментално неповрзани и во директна спротивност со уставните одредби и принципи. Тие јасно ја повредуваат универзитетската автономија, академската слобода и владеењето на правото.
Сепак важно е УКИМ да не застане тука. Неговата одбрана на автономијата мора да оди преку секоја носталгија за „професијата“, во одбрана на самата критичка мисла. Вистинското незадоволство на власта не е насочено кон традиционалните универзитети како такви, туку кон она што овие институции го претставуваат во јавната имагинација: факти, сложеност и легитимитет да се доведува во прашање моќта. Ова негодување се манифестира во секоја предложена мерка на образовните реформи. И тука лежи вистинската опасност.
Лесно е борбата околу високото образование да влезе во стапицата на судир помеѓу елити кои се надвор од допир и перформативни популисти. Но, ова што се случува не е раздор помеѓу две привилегирани фракции. Во прашање е дали самата вистина сè уште е важна во македонскиот политички живот.
Изборот со кој се соочуваме не е помеѓу лицемерието на македонската „Ivy League” и вмровскиот антиинтелектуализам (кои во суштина работат заедно). Станува збор за судирот на македонската нужност за демократија која ја цени критичката мисла и движење кое се стреми неа да ја потисне – парадоскална средба помеѓу несовршен систем кој може да се реформира и идеологија која ја отфрла самата идеја за реформи.
И додека министерката се занимава со кадрите и ги ора/ништи факултетите, науката ја разбира како колатерална штета. Таа ќе зависи од тоа што ќе остане после нејзиниот бран на реформи во образованието. Затоа што без луѓе нема наука. Ако ги земе финансиите и ги штелува кадрите како секогаш, Македонија е осудена да бега од контакт со поширокиот свет. Бидејќи вмровските интервенции во образованието не се само „паузи“ во историскиот контекст, научното расудување и моралната имагинација. Кога тие врски се прекинати, општеството ја губи способноста критички да се ангажира со реалноста и смислено да се развива. Не можеме да влеземе во ЕУ, не можеме без пропусти да процесуираме судски постапки, а притоа граѓаните се оставени без базични инструменти (финансиски, психолошки, социјални) да го елиминираат стресот од тешкотијата да се преживее во контекстот на модерното општество (дома и глобалното). Вештачката интелигенција е од другата страна и чека да нè проголта. Нема да знаеме што ни се случува. Тоа апелира дека без активен напор, без професори, мислители и дијалог – општеството едноставно не „застанува“, не паузира, туку крахира.
И токму ова е местото каде што УКИМ мора да го насочи своето дејствување и борба преку отфрлање на законските реформи. Во извесна смисла, тоа бара од научните работници, особено оние кои веруваат дека се безбедни, да се посветат на „борба против дерогирањето на Универзитетот како инкубатор за отуѓен труд“. Кажано поинаку, интелектуалните ресурси мора да се демократизираат и повторно да се позиционираат во јавната сфера. Целта на универзитетското образование е социјална трансформација преку самоактуализација и онтолошко ослободување во производството на знаење. Повторно, таквата визија може да изгледа далеку недостижна поради многу тешкотии – вклучувајќи ги преоптоварувањата, начините на кои стимулациите паѓаат врз поединците и менаџерското полициско работење – кои стојат на патот на универзитетските професори кои сакаат да ја остварат активноста на јавното знаење. Сепак, само експлицитно утописко размислување и дејствување можат да бидат замисливо еднакви на монументалната криза со која се соочуваме.
Елена Михајлова Стратилати – професорка на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје






