Знаењето за Холокаустот се намалува
Пред 80 години беше ослободен логорот Аушвиц-Биркенау. Денес, знаењето за нацистичката ера и Холокаустот постојано се намалува. Незанењето е особено големо кај помладите луѓе, покажува една неодамнешна студија.
27 јануари е Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од Холокаустот. Тој потсетува на ослободувањето на најголемиот концентрационен логор на нацистите Аушвиц-Биркенау во 1945 година. Колку е важно ова редовно сеќавање на убиствата на милиони Евреи уште еднаш покажа и неодамна објавеното истражување на Конференцијата за еврејски материјални барања против Германија (ги претставува Евреите во преговорите за компензација и реституција за жртвите на нацистичкиот прогон и нивните наследници, н.з.)
Според студијата, дванаесет проценти од младите возрасни лица во Германија на возраст меѓу 18 и 29 години никогаш не слушнале за термините „Холокауст“ или „Шоа“. Во други земји, процентот е уште поголем: во Австрија – 14 отсто, во Романија – 15 отсто, а во Франција дури 46 отсто од младите. Во групата на сите возрасни бројките се помали: во Германија пет отсто од испитаниците дале одговор дека не слушнале за тие термини, во Франција – 22 отсто.
Размерите на Холокаустот честопати непознати
За истражувањето биле интервјуирани 1.000 луѓе во осум земји: Германија, Франција, Австрија, Велика Британија, Полска, Унгарија, Романија и САД. Насекаде, процентот на млади луѓе кои не знаеле колку Евреи биле убиени за време на нацистичката ера е голем. Во Германија тој број е 40%, додека 15 отсто сметаат дека бројот на убиени е два милиони или помалку. Вистинскиот број на убиени Евреи е шест милиони. Во другите земји, знаењето е уште помало: на пример, 65 отсто од младите на возраст од 18 до 29 години во Франција ги потцениле размерите на Холокаустот, а во Романија тоа е случај со 70 отсто од испитаниците во таа возрасна група.
Значително помал број млади луѓе целосно го негираат Холокаустот: два отсто од Германците и Полјаците на возраст од 18 до 29 години се согласиле со изјавата дека Холокаустот „е мит и не се случил“. Во Романија овој број е највисок – 15 проценти.
Секој четврти млад возрасен во Германија не може да именува ниту еден концентрационен или логор изграден од нацистите. Во групата на сите возрасни, овој број е 18 проценти. Во САД речиси половина (48 отсто) од анкетираните Американци не го знаеле името на ниту еден логор или гето, во Австрија тој број е десет отсто, а во Полска седум проценти.
Загриженост од можно повторување на злосторствата
Речиси во сите анкетирани земји, големо мнозинство верува дека нешто како Холокаустот денес може да се случи повторно. Загриженоста е најголема во САД и Велика Британија, каде што 76 отсто, односно 69 отсто, од испитаниците изразиле ваков страв. Во Германија тоа го направиле 61% од испитаниците..
Потребни се повеќе информации и едукација
Со оглед на резултатите од истражувањето, Ридигер Мало, европски претставник на Конференцијата за еврејски материјални барања, побара од сите влади во Европа поголема едукација за Холокаустот. И претседателот на Централниот совет на Евреите во Германија, Јозеф Шустер, нагласи: „Загрижувачкиот пораст на антисемитското вербално и физичко насилство што го гледаме во Германија има свои корени во голема мера во дезинформациите и недостатокот на информации за Холокаустот.“ Политиката, образованието и медиумите мора да работат заедно за да се спротивстават на ова.
Ова барање има поддршка и од огромно мнозинство од испитаниците: во сите земји каде што е спроведено истражувањето, најмалку девет од десет возрасни сметаат дека е важно да се продолжи со едукација на луѓето за Холокаустот „за тој да не се повтори“.