ЗНАМ побара ВМРО да се огради од Милошоски, кој повторно „брутално“ го нападнал Филков

ЗНАМ побара ВМРО-ДПМНЕ јавно да се огради од ставот на својот пратеник и член на партискиот Извршен комитет Антонијо Милошоски, кој вчера повторно негативно зборуваше за учинокот на актуелниот министер за правда од редовите на ЗНАМ Игор Филков.

-Доколку јас би бил мандатар на Владата, актуелниот министер за правда не би бил министер за правда – изјави Милошоски на Канал 5.

Во однос на тоа, денеска реагираше Павле Арсоски, потпретседател на ЗНАМ, велејќи дека Милошоски е последната личност што може да зборува за Филков.

-Очекуваме во најкраток можен рок ВМРО-ДПМНЕ јавно да се огради од ставот на Антонијо Милошоски. Ова е отворен и брутален вербален напад врз личниот интегритет на еден од најуспешните министри во Владата на Христијан Мицкоски.

Милошоски е последниот што има кредибилитет да држи лекции за правосудните и за други стандарди. Да ја потсетиме јавноста само на случајот „Моќник“. Добро е да потсетиме за среќа на сите тој не е премиер, ниту бил, ниту ќе биде -порача Арсоски.

За потсетување, ова е вторпат Милошоски да го критикува Филков. Кога тоа го стори првиот пат пред неколку месеци, предизвика реакција од министерот за правда, по што премиерот Христијан Мицкоски оцени дека двајцата имале лош ден.

Back to top button
Close