ЗНАМ претстави платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени лини
„ЗНАМ со овој чин нуди можност за национално обединување, пред се, на македонскиот народ, но и на сите етнички заедници што живеат во државата. Можност за заедничко градење на силна, моќна, слободна и европска Македонија, во која сите граѓани се еднакви во правата, но и во обврските. Држава која ќе е еднаква за сите, а ќе биде завет за следните генерации“рече тој.
Посочи дека ЗНАМ се надева оти парламентарните партии ќе се обединат и ќе ја поддржат оваа платформа, а дека со нејзиното усвојување ќе се трасира патот кон Европската Унија.
На новинарско прашање дали за оваа платформа разговарале со коалициските партнери или дополнително ќе ја претстават, Димитриевски рече дека таа е најавена уште во предизборниот период, а првично ќе ја достават до владините партнери.
„Потоа ќе ја доставиме и со сите политички партии што се вклучени во работата на Собранието и очекуваме одговор од нивна страна бидејќи ова е еден стратегиски документ кој е неопходен за зачувување на македонските национални и државни интереси во целост“вели лидерот на ЗНАМ.
Текстот за платформата за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, како што рече Димитриевски, содржи девет точки, а потоа одделно го презентираше нејзиниот текст:
- Суверенитетот и територијалниот интегритет на РС Македонија и унитарниот карактер на државата се неповредливи и неотуѓиви. Секој вербален или невербален акт, однатре во земјата или однадвор, кој оди во насока на оспорување, негирање или омаловажување на овие темели на уставниот поредок, Собранието беспоговорно и во целост и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин.
- Македонскиот јазик е национален, стандарден јазик на македонскиот народ, со свој автономен јазичен, просторен и временски континуитет. На целата територија на РС Македонија, како и во меѓународните односи, службен јазик е македонскиот и неговото кирилско писмо. Секое негирање на посебноста, автентичноста и историскиот континуитет на македонскиот јазик однатре или однадвор, Собранието беспоговорно ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет и македонска државност.
- Македонскиот национален идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, колективната меморија, обичаи, менталитет, јазик, артикулирана свест за етнокултурна посебност и колективен интегритет, почит кон традиционалните религиски институции и континуирана припадност на овие географски простори. Македонската национална историја, јазик и култура се обележја на македонскиот идентитет и интегритет. Секој акт на негирање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојување на кое било обележје на македонскиот национален идентитет, на внатрешен или надворешен план, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски и антидржавен чин.
- 2 Август – Илинден е национален државен празник на македонската нација и македонската држава, како симбол на сите негови борби за слобода и создавање на слободна, независна, суверена македонска држава. Секој обид за непризнавање, оспорување, омаловажување, редефинирање или присвојувањето на чествувањето на највисокиот државен празник на РС Македонија, одвнатре или однадвор, Собранието беспоговорно и во целост ќе го отфрли и јавно осуди, како чин насочен кон поткопување на македонскиот национален идентитет.
- Државни симболи на РС Македонија се државниот грб, знаме и химна и истите можат да се употребуваат во согласност со законските одредби и на начин со кој не се нарушува угледот и македонското национално достоинство. Секој акт на непочитување, оспорување, сквернавење, омаловажување, вандализам или обид за менување на внатрешен или надворешен пат, Собранието со индигнација и во целост ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како смислен антимакедонски или антидржавен чин.
- Собранието потенцира дека во Македонија, како мултиетничко и мултикултурно општество, стабилните меѓуетнички односи и соживот се клучни за обезбедување мир и соживот, базирани на целосно еднакви права и обврски. Секоја закана, обид или акт, вербален или невербален, со цел создавање тензии, дестабилизација, ширење на омраза, раздор или нетрпеливост врз основа на етничка или религиска основа, Собранието ќе го отфрли и јавно ќе го осуди како антидржавен чин и акт насочен против уставниот поредок на државата.
- Собранието на С Македонија смета дека прашањето за заштита на основните права и слободи и статусот на македонското национално малцинство кое живее во соседните земји и во други држави повикувајќи се на принципите што се апсолвирани во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (1994) на Советот на Европа, се врвен национален и државен интерес и императив во политичкото дејствување во земјата.
- Собранието го реафирмира пристапувањето на земјата во Европската Унија како врвна државна, национална и стратегиска цел, со исполнување на Копенхашките критериуми во целост, под еднаков начин и услови под кои се придружиле и сегашните земји членки на Унијата. Собранието потенцира дека никој не смее да разговара или преговара за влез во Унијата под какви било притисоци, закани или условувања, на внатрешен или надворешен план. Сите такви обиди или дејствија Собранието беспоговорно ќе ги отфрли и јавно ќе ги осуди како антимакедонски и антидржавен чин.
- Собранието го потенцира својот недвосмислен став дека никој, од која било позиција или статус, на внатрешен или надворешен план, на ниту еден начин или под какви било услови, не смее да преговара, заговара или редефинира за прашања поврзани со унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, македонскиот јазик, идентитет, националната историја, култура, државните симболи или правата на македонското национално малцинство што живее надвор од границите на РС Македонија.