ЗНМ: Јавните функционери да се воздржат од навреди и дискредитации кон новинарите и медиумите
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) реагира на неодговорната и недолична комуникација на социјалните мрежи на директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Петар Богојески, насочена кон редакцијата на порталот Рацин.мк, нејзините новинари и уредници.
Во демократско општество, јавните функционери имаат обврска да негуваат културен и одговорен однос со медиумите, да ја почитуваат нивната работа и да се воздржат од квалификации, дискредитации и навреди. Ваквиот речник, во кој новинарите се нарекуваат “измеќари” создава непријателска атмосфера за работа на новинарите и може да се протолкува како обид за притисок врз слободата на изразување и медиумската независност.
Особено е загрижувачки кога ваква комуникација доаѓа од јавни функционери, односно партиски експоненти, бидејќи освен што го девалвираат угледот на институцијата што ја претставуваат, ваквите изјави можат да поттикнат зголемена омраза во јавниот дискурс и да доведат до дела мотивирани од омраза.
Потсетуваме дека на располагање постојат саморегулаторни тела, како Советот на етика во медиумите на Македонија и Советот на честа при ЗНМ, каде што секој поединец, вклучително и јавните функционери, може да поднесе претставка доколку смета дека одреден медиум објавил содржина која не е во согласност со професионалните и етичките стандарди.
Ги повикуваме сите носители на јавни функции, вклучително и г. Богојески, да ја почитуваат слободата на медиумите и достоинството на новинарската професија, и да ги користат институционалните механизми доколку имаат забелешки на медиумски содржини, наместо да се впуштаат во навредливи и омаловажувачки коментари на социјалните мрежи.