ЗНМ бара одговорност за однесувањето на униформиран службеник при пуштањето на Мијалков од притвор

Здружението на новинарите на Македонија вечерва го осуди однесувањето на униформиран службеник кон новинарите за време на пуштањето од притвор на Сашо Мијалков од затворот Скопје. Како што објави А1.он, новинарите кои го чекале Мијалков пред капијата на затворот биле спречени во извршувањето на своите задачи од лице кое го обезбедува влезот во затворот.

„ЗНМ го осудува односот на униформираниот службеник од затворот Скопје во Шуто Оризари кој истурка новинари и сниматели и ги попречи во вршењето на нивната работа при излегувањето од притвор на екс директорот на УБК Сашо Мијалков вечерва пред затворот. ЗНМ ќе повика и на одговорност од страна на МВР како и Директорот на затворот за крајно непримерниот и недозволив однос од страна на униформираниот службеник кон новинарските екипи на ТВ Клан и А1он“,реагираа од ЗНМ.

Ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, вечерва околу 19:10 часот излезе од затворот „Скопје“ од Шуто Оризари. На капијата го чекаа новинарски екипи на А1.он и ТВ Клан, но и возило, членови на семејството и обезбедување. Пред да излезе од капијата, пред портата се паркираше возилото во кое подоцна влезе Мијалков, а неговото обезбедување но и униформираниот службеник направија „жив ѕид“ за новинарите и снимателите.

Излегувањето на Мијалков следува откако денеска Апелацискиот суд во Скопје го укина притворот кој му го определи Кривичниот совет во Основниот кривичен суд минатата среда (22 декември) за предметот „Плацови на Водно“ каде тој е еден од обвинетите.

Back to top button
Close