ЗНМ и ССНМ бараат од МЗ да ја повлече одлуката за снимање пред тријажниот центар и околу ГОБ „8 Септември” само со дозвола од директорот на болницата

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) преку соопштение побараа здравствените власти да не ја попречуваат работата на новинарските екипи во кругот на Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје и да им дозволат снимање и известување од пред оваа болница.

Од Здружението и Синдикатот посочуваат дека според повеќе пријави од колеги кои пристигнале до нивните канцеларии за време на викендот и денеска, на новинарите и снимателите од страна на обезбедувањето на болницата не им бил дозволен пристап и биле бркани дури и на паркингот на болницата.

„Укажуваме до Министерството за здравство и менаџерите на ГОБ ’8 Септември‘ дека не смеат да го ограничат пристапот на новинарите да известуваат за теми поврзани со работата на болницата и пандемијата. Свесни за сензитивноста на темите за кои има особен јавен интерес, потребно е да се обезбедат услови каде новинарите ќе имаат можност непречено да известуваат. Потсетуваме дека слободата на изразување е уставно загарантирано право во Република Северна Македонија кое не може никој поединец да го ограничи бидејќи со тоа ќе има прекршување на членот 16 од Уставот. Особено што станува збор за теми од исклучителен јавен интерес. Новинарите и уредничките тимови особено во вакви услови на криза потребно е да известуваат во согласност со етичките принципи на новинарската професија со штитење на приватноста на граѓаните кои можат да бидат дел од снимениот материјал – истакнуваат од ЗНМ и ССНМ.

Тие потсетуваат и дека според Етичкиот кодекс на новинарите, новинарот треба да ја почитува приватноста на личноста, освен кога тоа е во спротивност со јавниот интерес, исто така новинарот е должен да ги почитува личната болка и жалост.

„Доколку граѓаните имаат забелешки за работата на новинарите и медиумите потсетуваме дека имаат можност да достават претставки до Советот на честа или Советот за етика на медиумите во Македонија. Истовремено бараме од Министерството да ја повлече одлуката за снимање пред тријажниот центар и околу болницата ’8 Септември‘ само со дозвола од директорот на болницата или Министерството, бидејќи со тоа директно се оневозможува работата на новинарите и фоторепортерите кои известуваат за состојбата со ковид – кризата и состојбата во болниците“,

пишува во соопштението од ЗНМ и ССНМ.

Од Министерството за здравство, пак, вчера тврдеа дека нема забрана, но може да се снима од далечина повикувајќи се на заштита на приватноста на пациентите.

„Тријажниот центар може да се снима и фотографира од одредена далечина бидејќи овде има пациенти кои чекаат да бидат хоспитализирани, а возила на Брза Помош носат болни во тешка состојба и од таа причина редот мора да се запази како не би се нарушила приватноста на пациентите, но и работата на здравствените работници од една страна и медиумските работници од друга страна. Доколку постои интерес од страна на медиум, за снимање на влезот, внатрешниот дел на ковид центар, тирјажен центар, хоспитализација на пациенти, или слично ве молиме да се обратите до здравствената институција или Министерството за здравство, како би се организирало снимање или фотографирање, со кое нема да се нарушат правата и приватноста на пациентите, ниту пак да се доведе во ризик здравјето на медиумските работници – истакнаа од МЗ.

Back to top button
Close