ЗНМ и ССНМ: Одбивање на жалбата на ИРЛ од Апелациониот суд Скопје дополнително нè мотивира да стоиме зад истражувачкото новинарство

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразуваат сериозна загриженост за судскиот притисок кон независното истражувачко новинарство, по денешната одлука на Апелациониот суд Скопје со која е одбиена жалбата на ИРЛ.

Во овој момент, според јавно достапните информации, одлуката на жалбата на ИРЛ е објавена, но образложението сè уште не е јавно соопштено и се очекува да следува во писмената пресуда.

Потсетуваме дека станува збор за предмет за клевета и навреда, во кој тужител е поранешниот вицепремиер и бизнисмен Кочо Анѓушев, а тужени се Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) и главната уредничка Сашка Цветковска, во врска со истражувачкиот документарец „Заговор против воздухот“, емитуван во 2021 година.

Првостепената пресуда во овој случај беше донесена во 2023 година и тогаш исто така јавно реагиравме бидејќи пресудата не навлегува во суштината на тужбата за наводната клевета кон поранешниот вицепремиер Анѓушев во емисијата емитувана во 2021 година на МРТВ, туку се врши дискредитација на новинарите и на непрофитниот медиум ИРЛ сѐ со цел да се оправда првостепената одлука.

Во образложението на таа пресуда, која сега ја потврди и Апелација, се поставува досега невиден и опасен преседан судот и државните институции да одредуваат што е медиум, кој е новинар и кој смее да се бави со новинарска дејност. ССНМ и ЗНМ сметаат дека токму овие произволни и паушални толкувања на Законот за медиуми, како и на Законот за здруженија и фондации претставуваат пред сѐ залажување на јавноста од страна на судот со цел оправдување на оваа скандалозна и досега невидена одлука во македонското правосудство.

ЗНМ и ССНМ остануваат на ставот дека ќе продолжат да стојат зад истражувачкото новинарство и да ја следат натамошната постапка по приемот на писмената одлука, вклучително и користење на сите расположливи правни механизми пред повисоките домашни и меѓународни судски инстанци.

Укажуваме дека ЗНМ во период подолг од пет години обезбедуваше бесплатна правна поддршка, а двете организации јавно го следеа овој предмет и посочуваа на неговото значење за слободата на изразување, јавниот интерес и заштитата на истражувачкото новинарство, вклучително и во контекст на ризиците од стратешки тужби против јавно учество (СЛАПП).

Дополнително, овој случај е регистриран и квалификуван како СЛАПП случај на меѓународната Платформа за мапирање на медиумски слободи (Mapping Media Freedom / MMF), а реакции и осуда на ваквата пракса опасна за слободата на медиумите во Македонија имаа и Меѓународната федерација на новинари и Европската федерација на новинари чии членки се ЗНМ и ССНМ

Back to top button
Close