ЗНМ-Извештајот на Репортери без граници укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите,

Во најновиот извештај на Репортери без граници (RSF), Македонија бележи пад од шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година и се рангира на 42 место. ЗНМ го смета извештајот за реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи.
Во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари
Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција.
Извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.
Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија.
Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.
Овие наоди, според ЗНМ, претставуваат јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите. Клучните приоритети треба да бидат:
Усогласување на националното медиумско законодавство со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), за да се обезбеди покохерентна и транспарентна правна рамка.
Формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, со цел зајакнување на независноста и одржливоста на професионалното новинарство.
Ефикасно решавање на сите сериозни случаи на закани и напади врз новинари, вклучувајќи проширување на институционалните механизми и надвор од главниот град.
Воведување на правни заштити против злоупотреба на SLAPP-тужбите, со цел заштита на новинарите кои известуваат во интерес на јавноста.
Политичарите, особено оние на позиции на моќ, треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите. Преку јавно признание на улогата на новинарите во демократското општество и воздржаност од навредлив говор, може значително да се подобри целокупната медиумска средина и да се зајакне довербата на јавноста.
ЗНМ останува посветено на поддршка на реформите што ќе ја унапредат слободата на изразување, ќе ги подобрат условите за работа на новинарите и ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во медиумите.