ЗНМ остро ги осудува заканите кон Бурнс и нападот врз Златев, бара итно делување на полицијата и ОЈО

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) остро ги осудува нападот врз новинарот и уредник на „Лидер“, Љупчо Златев што се случил вчеравечер во еден скопски локал, како и онлајн заканите по безбедноста на новинарката на „Слободен печат“, Мирослава Бурнс.

-Бараме од Министерството за внатрешни работи итно да ги истражи мотивите за нападот на Златев како и лицата кои биле вклучени во инцидентот. Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство само преку брза постапка ќе покажат дека постои волја за расчистување на случаи во кои има напади врз новинари. Со тоа ќе се придонесе кон обесхрабрување на идни напади, а и ќе се подобри степенот на безбедност на новинарите и медиумските работници, наведува ЗНМ.

Во врска со Бурнс која во текот на вчерашниот ден добила низа закани на својот личен профил на Фејсбук поради објавување текст за свадба во Тетово, укажувајќи дека тоа е спротивно на законската регулатива која се однесува на борбата против КОВИД-19, ЗНМ исто така бара МВР и ОЈО да преземат итни дејства.

-Бараме од Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство итно да преземат дејства за откривање на лицата кои стојат зад профилите кои се заканиле на новинарката и да ги изведат пред лицето на правдата. Објавувањето на вакви и слични престапи од јавни собири преку кои може да се загрози јавното здравје е од јавен интерес и новинарите во никој случај не треба да добиваат закани по својот живот поради откривање и обелоденување на ваквите групни собири, нагласува Здружението.

Овој напад, оценува, уште повеќе ја истакнува потребата од законски измени во Кривичниот законик.

-Во соработка со ССНМ подолго време бараме измени со кои нападите врз новинарите и медиумските работници треба да бидат третирани како напад врз службено лице. Ова значи дека со ваквите измени на законот институциите ќе бидат обврзани по службена должност да преземаат мерки и дејствија за расчистување на нападите врз новинарите, потсетува ЗНМ.

Здружението напоменува дека сите видови притисоци и закани кон новинарите и медиумските работници негативно се одразуваат врз слободата на изразување и креираат ефект на самоцензура. Од идната влада Здружението очекува сериозно да се зафати со креирање безбедна работна средина за новинарите како еден од најважните предуслови за слободно новинарство.

-Од новата влада, како и од новиот парламентарен состав ќе продолжиме да бараме итно да се пристапи кон измени и дополни на Кривичниот законик со кој ќе се гарантира поголема заштита на новинарите и медиумските работници. Новинарската професија е клучна за функционирањето на секоја демократска држава и затоа сметаме дека е крајно време законски да се заштитат професионалните новинари како едни од клучните столбови за штитење на јавниот интерес, истакнува ЗНМ во денешното соопштение.

Back to top button
Close