ЗНМ: Осуда за грубите дисквалфикации од Агенцијата за филм кон новинарката Марина Костова
Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги осудува грубите дисквалификации кон новинарката Марина Костова и онлајн медиумот СДК.мк искажани во вчерашното соопштение за медиуми, од страна на Агенцијата за филм, насловено како: „Дали во новата милионска драма на Милчо Манчевски главните улоги ги толкуваат Марина Костова, Тања Пепељуговска И Слаѓана Тасев?“.
Агенцијата за филм, вчера преку непотпишано соопштение упатено до медиумите a потоа објавено и на официјалниот „фејсбук пејџ“ на Агенцијата, со низа реторички реченици и прашања, лично ја навредува и дискредитира колешката Марина Костова поради претходните натписи на СДК.мк поврзани со работата на оваа Агенција. Во нивното соопштение се вели дека новинарката Костова е здружена во идејата да ја компромитира работата на Агенцијата и на нејзиниот директор Горјан Тозија без притоа да се аргументираат овие обвинувања туку само преку неосновани констатации и прашања во самиот текст.
Доколку директорот на Агенцијата за филм, ако воопшто тој стои зад ова скандалозно соопштение, имал проблем со начинот на кој известуваат новинарите и медиумите за неговата работа можел да се обрати до Советот за етика или Советот на честа но не и да се користи имиџот и ресурсите на Агенцијата за јавна пресметка со критични новинари.
За овој инцидент ќе биде известен претседателот како и четирите членови на Управниот одбор на Агенцијата за филм, кои се именувани од страна на Владата на Република Северна Македонија и ќе биде побарано од нив Агенцијата јавно да се извини на колешката Костова.