ЗНМ: Oсуда за нападот кон колегата Фуркан Салиу од страна на извршителката Весна Јакимовска

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува денешниот физички напад кон новинарот Фуркан Салиу од страна на извршителката од Кичево, Весна Јакимовска.

Овој скандалозен настан следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката од страна на ПорталИкс и Салиу, кој денеска при земање на изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа се здобил со повреда на раката но и скршен микрофон од неговата опрема. Колегата Салиу на местото на настанот повикал полиција и во моментов дава исказ во полициската станица. За овој настан известен е и обвинител од Кичево.

ЗНМ веднаш стапи во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу.

Контакт точките, односно лицата во МВР и ОЈО се од голема важност во контекст на брза и ефективна комуникација со ЗНМ кога станува збор за повреда на право на новинар или медиумски работник и овозможува поголема институционална заштита.

Потсетуваме дека напад на новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност. Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на санкционирање на напаѓачот, во овој случај извршителката Јакимовска.

ЗНМ за овој случај освен за кривична одговорност, ќе побара и дисциплинска мерка, согласно кодексот на професионалната етика на извршителите за одземање на лиценцата за работа од страна на Комората на извршители на Република Северна Македонија.

Во видеообјавата на Фејсбук новинарот вели дека додека ја извршувале службената задача, од страна на извршителката им бил искршен микрофонот, а тој бил физички нападнат.

Салиу во објавата, снимена додека со возило се движи кон полициска станица за да даде изјава во врска со настанот, вели дека целиот инцидент е снимен и дека вечерва ќе биде објавен од медиумот.

„Чекаме да дадеме изјава и веруваме дека Обвинителството и полицијата ќе бидат праведни и вистината ќе излезе на виделина. Микорофонот е скинат, извршен е физички напад врз мене. Чекам тоа да го потврди и лекар откако ќе завршам во полициската станица. Мора да ги пофалам полицајците за коректниот однос, но ќе видите во видеото вечерва како реагира еден извршител, којшто извршува една многу битна функција“,вели новинарот во видеообјавата на социјалната мрежа.

 

Back to top button
Close