ЗНМ: Пресудата за новинарот Стојановски е чекор напред, но правдата за новинарите се уште не е завршена
Здружението на новинари на Македонија ја поздрави одлуката на Основниот граѓански суд Скопје, со која се утврдува повреда на правото на слобода на изразување на новинарот Влатко Стојановски од неделникот „Фокус“ за случајот од 27 април 2017 година во Собранието на Македонија.
„Оваа судска пресуда, која следеше по одлуката на Уставниот суд од 2023 година, претставува значаен чекор напред во домашната судска пракса и потврда дека државата има обврска активно да ги заштити новинарите во ситуации на ризик.
Граѓанскиот суд утврди дека Стојановски бил изложен на непријателска и опасна средина додека професионално ја извршувал својата новинарска задача, и дека институциите не презеле соодветни мерки за да обезбедат негова безбедност, со што се повредило неговото уставно загарантирано право на слобода на изразување.
Судот донесе пресуда за делумен надомест на нематеријална штета, што испраќа јасна порака за одговорноста на државата да ги штити медиумските работници.
Оттука, сакаме да ја истакнеме важноста на оваа судска пресуда како позитивен пример за примена на европските стандарди за слобода на медиумите и охрабрување на новинарите во вршење на нивната професионална должност без страв и притисоци.
Во споредба со другите слични случаи од настаните од 27 април 2017 година, за новинарката Душица Мрѓа тужбеното барање беше делумно усвоено, слично како и за Влатко Стојановски. За Горан Трпеноски повторувањето на постапката беше одбиено, но по поднесена жалба се чека одлука од Апелациониот суд.
Во случаите на колешките Наташа Стојановска, Билјана Николовска, како и колегите Игор Јанковски и Томе Ангеловски, постапките се сè уште во тек пред Уставниот суд, откако Основниот суд не ја следеше насоката од претходната уставно-судска пракса.
Во овој момент, единствените случаи со позитивен исход се оние на Душица Мрѓа и Влатко Стојановски, но ниту една од овие пресуди не е правосилна а останатите и по повеќе од 8 години се наоѓаат во различни фази пред македонските судови.
Овие судски примери ја истакнуваат итната потреба од доследна примена на европските стандарди и создавање на стабилна судска пракса која ќе ги штити новинарите како носители на јавниот интерес. Само така може да се обезбеди средина во која тие ќе можат слободно, безбедно и професионално да ја извршуваат својата улога во демократското општество.
ЗНМ повторно апелира до надлежните институции, вклучително и судските органи и Министерството за внатрешни работи, да обезбедат ефикасна и проактивна заштита на новинарите, гарантирајќи ја нивната безбедност и правото на слободно изразување во сите околности“, стои во соопштението на ЗНМ.
Инаку, по одлуката на Уставниот суд, скопскиот граѓански суд во повторената постапка пресуди дека новинарот Стојановски претрпел страв како последица на насилство и терор за време на упадот во Собранието на 27 април 2017 година, како и дека му било повредено правото на слобода на изразување, меѓутоа судот делумно го прифати барањето во делот на висината на надоместот за нематеријална штета. Притоа, Суд делумно го усвои тужбеното барање на тужителот Стојановски за надомест на нематеријална штета