(Видео) ЗНМ реагира за односот на Тошковски кон новинарката на Слободен печат
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ја следи реакцијата во јавноста по комуникацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со новинарката Фросина Факова Серафиновиќ од „Слободен печат“ за време на вчерашната прес-конференција, пренесена и од медиумите, Оваа реакција се однесува на јавната изјава на министерот Тошковски упатена кон колешката Факова, наместо одговор на поставеното прашање, во која тој рече: „како не ми праќате пораки во дванаесет ипол по полноќ, во еден ми праќате“.
Според ЗНМ, ваквите примери се потсетник дека комуникацијата меѓу јавните функционери и новинарите треба да биде внимателна, одмерена и на ниво што ја зајакнува довербата на јавноста.
Важно е да се истакне дека новинарите имаат легитимно право да поставуваат прашања за теми од јавен интерес, а носителите на јавни функции имаат одговорност да одговараат на начин што придонесува за транспарентност, заемна почит и достоинствена јавна комуникација.
ЗНМ потсетува дека професионалниот однос кон новинарите е важен предуслов за непречено информирање на јавноста, особено кога станува збор за прашања што се од значење за безбедноста, одговорноста на институциите и владеењето на правото.
Во таа насока, ги охрабруваме сите носители на јавни функции, вклучително и министерот Тошковски, во иднина да придонесуваат кон конструктивна комуникација со новинарите, без лични квалификации и без изјави што можат да се протолкуваат како навредливи
Видеото од изјавата погледнете го тука






