Зошто екстремната десница се плаши од ослободувањето на транс луѓето?
На кој начин транс луѓето претставуваат закана за авторитарната моќ
1. Родовата хиерархија како алатка за контролирање
Авторитаризмот се потпира на фиксни, хиерархиски поставени структури на моќ. Свет во кој мажите се главни, жените се покоруваат, и сите си ја знаат и почитуваат својата строго одредена општествена улога. Транс луѓето не само што ја предизвикуваат оваа норма, туку докажуваат дека е лажна:
-
Родот како механизам за контролирање. Ако се согласиме дека идентитетот е ригиден, државата и нејзините спроведувачи добиваат дозвола да решат кој каде припаѓа, кој ја ужива моќта, а кој ќе биде отфрлен на маргините. Транс луѓето го рушат овој наратив.
-
Се урива митот за „природните“ улоги. Ако родот не е биолошки определен, тогаш ниту машката надмоќ, семејните структури и моралот наметнат од државата не се зададени без простор за преиспитување и преговарање.
-
Ослободувањето на транс луѓето го дестабилизира патријархатот. Кога родот не е ничиј затвор, моќта престанува да биде наследно право, а фашистичките хиерархии почнуваат да попуштаат и пукаат.
Токму затоа крајната десница толку агресивно ја турка родовата усогласеност. Не се работи само за „друштвени норми“ – туку како да се задржат луѓето заклучени во улоги што ѝ служат на авторитарната моќ.
2. Транс луѓето како измислена закана
Фашизмот опстојува со помош на жртвени јарци. Потребен му е замислен „непријател“ за да ги оправда угнетувањата, да се мобилизира и да ги одвлече вниманието и бесот од сопствените неуспеси. Транс луѓето се погодна мета од неколку причини:
-
Тие се малубројни. Помалку од 1% од светското население се идентификува како транс, што ги прави лесни за демонизација без да резултура со широк отпор.
-
Транс луѓето носат промена. Реакционерните движења се одржуваат продавајќи носталгија – имагинарно минато во кое сите „си го знаеле местото“. Видливоста на транс луѓето сведочи дека промената е неизбежна.
-
Тие се политички незаштитени. Транс правата не уживаат цврста правна поддршка ширум светот, односно лесно можат да бидат укинати – како прелиминарен обид за воведување на пошироки авторитарни политики.
Крајната десница не само што ги мрази транс луѓето, туку има потреба од нив – да ги користи како измислена „закана“ за да го оправда продлабочувањето на државната контрола.
3. Државна контрола врз идентитетот
За крајната десница, контролата врз родот не е само прашање на дискриминација. Таа сака да докаже дека државата има моќ да го дефинира самиот идентитет на човекот.
-
Ако државата може да го диктира родот, тогаш може да диктира сѐ. Ако законодавците се тие кои решаваат кој има право да постои како што сака, тогаш се поставува преседан за контрола врз сите други аспекти од животот.
-
Законите против транс луѓето се обид за воспоставување на авторитарна власт. Забраните за користење на тоалети, учество во спорт, пристап до медицинска нега и присилните политики за детранзитирање не се изолирани напади. Тие се експерименти на државна контрола врз личната автономија.
-
Бришењето на транс луѓето отвора пат кон поширока репресија. Денес, на ред се транс луѓето. Утре на ред ќе дојдат репродуктивните права, ЛГБТКИА+ правата, правата на расните малцинства и на политичките неистомисленици.
Крајната цел не е да се криминализира постоењето на транс луѓето, туку да се отиде едно скалило понапред кон поширок авторитаризам.
4. Репродуктивна контрола и демографски политики
Војната против транс луѓето е дел од пошироката борба за воспоставување контрола врз репродукцијата. Десничарските идеолози се опседнати со наталитетот и со наративот дека сведочиме демографски пад. Тие го гледаат постоењето на ЛГБТКИА+ луѓето како закана за „традиционалното“ семејство, кое, според нив, е неопходно за одржување на моќта.
-
Транс луѓето ги нарушуваат очекувањата поврзани со репродукцијата. Десничарскиот светоглед се потпира на ригидни улоги: мажите го издржуваат семејството, додека жените раѓаат. Транс луѓето одбиваат да играат според овие правила.
-
Стравувањето дека дошол „крајот на традиционалното семејство“. Луѓето што ги напаѓаат транс правата се истите оние кои го оспоруваат пристапот до абортус и контрацепција – па дури и разводот при обострана согласност.
-
Сѐ се сведува на одржување на расна и политичка доминација. Многу крајнодесничарски движења ја туркаат т.н. „теорија на замена“, односно верувањето дека белото население трпи демографски пад поради феминизмот, ЛГБТКИА+ правата и имиграцијата. Нивните напади врз транс луѓето се дел од поширокиот обид да се форсира раст во стапката на наталитет, но само во рамки на „пожелната“ демографија.
Не станува збор само за културна војна, туку за прецизно пресметана стратегија што цели кон демографска контрола.
5. Транс ослободувањето како револуционерна сила
Крајната десница се плаши од транс луѓето затоа што нивното постоење докажува дека хиерархиите можат да се срушат. На овој начин тие директно ја предизвикуваат нивната визија за светот.
-
Транс луѓето се олицетворение на самоопределбата. Тие покажуваат дека идентитетот не е нешто што го назначува државата, религијата или традицијата – туку нешто лично и самодефинирано.
-
Тие го нормализираат отпорот. Секое транс лице коешто транзитира, живее отворено или се бори за своите права удира по темелите на авторитарната контрола.
-
Транс ослободувањето е дел од сите борби за ослободување. Борбата за транс права се вкрстува со работничките права, расната правда, репродуктивната слобода и антифашизмот. Токму ваквите форми на солидарност ја плашат десницата.
Ете затоа транс луѓето се толку жестоко напаѓани. Нивното постоење го ослабува целиот авторитарен поредок.
Заклучок: Зошто оваа борба е важна
Крајната десница не ги напаѓа транс луѓето само од предрасуда. Станува збор за многу поширока стратегија – стратегија за наметнување послушност, контрола врз идентитетот и проширување на државната моќ. Кога ги напаѓаат транс правата, тие ги тестираат границите на авторитарната контрола.
Тоа значи дека оваа борба не ги засега само транс луѓето туку прераснува во прашање на тоа дали поединците ќе имаат право сами да си го одредат сопствениот живот или таа контрола ќе падне во рацете на државата којашто ќе го диктира секој нивен чекор.
Транс ослободувањето не е маргинално прашање. Тоа е една од најдиректните закани врз авторитарното владеење и токму затоа мора да застанеме во негова одбрана.
Извор: Trans Army/ meduza.mk