Зошто Филипче е изземен од случајот Онкологија, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ

Зошто Венко Филипче, поранешниот министер за здравство и актуелен лидер на опозицискиот Социјалдемократски сојуз (СДСМ) е изземен од случајот Онкологија, прашуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Во време кога Филипче беше министер за здравство имаше низа скандали и злоупотреби во здравството а самиот Филипче е до гуша заглавен во скандалот со Онкологија. Додека Филипче бил министер за здравство, оштетен е Буџетот на државата преку измама, од над 2,2 милијарди денари или над 35 милиони евра“, се вели во партиското соопштение.

Оттаму посочуваат и дека според членот 295 од Законот за здравствена заштита, се веели дека надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство, што значи дека Филипче бил директно одговорен за истото.

„Дали Филипче знаел дека не се дава онколошка терапија и дека се крадела па дури и завршувала на црниот пазар во Косово. Зошто омилениот обвинител на СДС и ДУИ, Гаврил Бубевски, не покренува истрага против Филипче, иако тој самиот директно или индиректно, дозволил системски хаос и непочитување на шеесетина законски одредби?“, прашуваат од владејачката партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, обвинителите и судиите не го санкционираат криминалот и ги штитат политичките елити блиски до СДСМ, со што предизвикуваат ерозија на судскиот систем и недоверба во јавните институции.

„Судиите избрани во Струмица и Зајас наместо да обезбедат правда, тие опструираат предмети и го продлабочуваат клиентелизмот“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“. Како што соопшти вчера на прес-конференција предметната јавна обвинителка Ана Гоговска-Јакимовска, предметот е поделен на два дела – првиот се однесува на економското работење на Клиниката во кој се опфатени тогашниот медицински директор и организацискиот директор на клиниката, и вториот дел од предметот се однесува на третманот на пациентите и опфаќа четворица лекари онколози.

Back to top button
Close