Зошто Германија (не) помогна
Во Германија работат бројни медицински работници, кои доаѓаат од Македонија. Многу од нив очекуваа дека во оваа земја ќе бидат донесени повредени лица од пожарот во Кочани и дека јазичната бариера, преку нивната работа, ќе биде олеснета. Но, тоа не се случи. Нота.мк се обрати со прашања до германската амбасада во Скопје за тоа како гласел одговорот на Германија на испратениот повик за помош од Македонија преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.
„Германија од избувнувањето на катастрофата е во близок контакт со своите европски партнери за да понуди можна поддршка, меѓудругото и преку билатералната понуда за транспорт. Притоа во преден план е на сите повредени лица, на кои им е потребно лекување во странство, да им го обезбедиме на најбрз и најефикасен можен начин – без разлика која од земјите партнери го обезбедува овој третман“, објаснува во одговорот до Нота.мк Кевин Маас, шеф на одделот за медиуми во германската амбасада во Скопје.
Германија, преку амбасадата во Македонија и контактот со македонското Министерство за здравство го организирала транспортот и третманот на повредените кон други земји во Европа.
„По страшната катастрофа од пожарот во Кочани на 16 Март 2025 година, приоритет на Германија е да ги поддржи македонските власти при овозможувањето најбрз можен третман на повредените. Од македонската страна беше активиран Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, кој овозможува најдобра можна помош меѓу 37-те земји-учеснички. Оваа координирана заедничка реакција им овозможува на македонските власти да ги соопштат нивните потреби за поддршка преку единствена точка на контакт. На пример, доставувањето на детални податоци за пациентите е од суштинско значење за безбеден транспорт и за најдобра можна грижа во болницата, која е крајна дестинација во ЕУ и земјите партнери“, објаснува Маас за Нота.мк.
Сепак, германската амбасада не го одговори прашањето зошто во германските болници нема место за македонски пациенти? Тоа преку социјалните мрежи се прашуваат и бројни Македонци, од кои дел работат и како медицински лица во германскиот здравствен систем.
„Во Германија живее најголем дел од македонската дијаспора, од која значаен дел се здравствени работници. Досега, барем лично така чувствував, дипломатските односи ни се на разумно ниво. Како и зошто, се прашувам, ниту еден пациент досега не е транспортиран во Германија“, стои во дел од еден од постовите на медицинско лице од Македонија, вработено во германска болница.
„Срами се Германијо, за немањето помош за Македонија по пожарот со 59 жртви и 170 тешкоповредени млади луѓе“, стоеше во пост на друго медицинско лице во Германија.
Други се прашуваат дали ќе ѝ се потрошеле ресурсите на Германија давајќи ѝ помош на Македонија, изразуваат впечаток дека Македонија не ѝ била важна на Германија, и потенцираат дека не чувствувале емпатија во земјата во која се чувствувале како робови. Македонците реагираат и на тоа дека на страницата на сојузната германска Влада не стои никакво изразено сочувство за катастрофата во Кочани. Министерката за надворешни работи, Аналена Бербок, сочувството го изрази преку пост на социјалната мрежа Икс.
„Вестите од ужасниот пожар во Кочани во Северна Македонија се шокантни. Луѓе, кои сакаа безгрижно да слават, беа брутално откорнати од нивните животи. Моите мисли се со роднините и пријателите на жртвите. На повредените им посакувам брзо закрепнување“, стои во постот на Икс на Аналена Бербок. Тоа е единствениот пост на темата, во кој исто така не се спомнува понудена помош преку медицински третман во Германија.

„Германската амбасада и сојузната германска Влада сакаат повторно, како што веќе и се случи преку министерката за надворешни работи Аналена Бербок, да изразат најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од катастрофата“, нагласуваат од амбасадата во Скопје за Нота.мк.
Германија, преку својата амбасада, нуди психолошка поддржка за роднините и пријателите на жртвите и повредените во пожарот во Кочани. Засега таа се нуди преку телефонски број.
„Ние исто така се фокусираме на поддршка на роднините во справувањето со последиците од катастрофата. За таа цел, Германското друштво за меѓународна соработка, во соработка со локалната невладина организација Х.Е.Р.А. од понеделникот, 17.03., нуди психолошко советување преку 10 професионални психолози и психотерапевти преку (телефонскиот број, н.з.) 070-249-596. Во моментов работиме со нашите партнери за да ја прошириме оваа понуда и на лице место, со цел да им обезбедиме на педагозите потребни ресурси за нивната идна работа“, објаснува за Нота.мк Кевин Маас, шеф на одделот за медиуми во германската амбасада во Скопје.

Од амбасадата потсетуваат дека Германија го има помогнато Кочани во минатото и информираат дека тоа ќе се случи и во блиска иднина.
„Германската амбасада во текот на последните две години, преку мали проекти, ја поддржа работата на волонтерската противпожарна единица во Кочани. Конкретно, капацитетите беа зајакнати како со обезбедување заштитна облека и црева, така и со техничка опрема, како што се радиостаници и засилувачи. Тие беа користени и за гаснење на шумските пожари минатото лето, при кои беше распоредена и германската ескадрила за гаснење пожари“, објаснува Маас за Нота.мк.
Во моментов во баварските противпожарни служби се разгледува барањето за испраќање помош во Кочани. Таа, како и во минатото, треба да биде за доброволното противпожарно друштво во овој град.
„Барањето за донации од противпожарните служби во Баварија е направено преку тамошното регионално здружение и е поддржано од амбасадата. Германската амбасада, во име на доброволното противпожарно друштво ‘ДПД Кочани’ набавува противпожарно возило, кое во иднина ќе биде предадено“, објаснува Маас и нагласува: „Германија продолжува да стои на страната на Северна Македонија. Амбасадата ќе продолжи внимателно да ги следи последиците од катастрофата и ќе направи сѐ што е можно за според потребата да обезбеди поддршка. Амбасадата со задоволство поддржува и други иницијативи од трети страни“.
По пожарот во Кочани над 100 пациенти се лекуваат во болници во странство. Србија, Бугарија, Грција, Турција, Шпанија, Унгарија, Австрија, Хрватска, Словенија, Италија, Белгија, Литванија, Шведска и Полска примија повредени лица по пожарот што се случи рано утрото на 16 Март на концерт на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Случајот откри бројни системски пропусти, корупција и отсуство на контроли, што резултираше со апсење на поранешни градоначалници, на поранешен министер, полициски службеници и бројни други лица.